ССНМ: Постапката на АВМУ против Телма класичен пример на притисок врз објективното и професионалното информирање

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ja поздравува одлуката на Основниот суд – Скопје 1 со која се констатира дека телевизија „Телма“ не го прекршила изборниот молк, врз основа на прекршочната пријава поднесена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) .

Иницираната постапка од АВМУ против Телма, ССНМ го смета за класичен пример на притисок врз објективното и професионалното информирање. Непријатно сме изненадени што АВМУ препозна кршење на изборниот молк и прикриена кампања во телевизиски прилог што се однесува на застрашувачките размери на епидемијата со Ковид-19 .

-Пренесување на изјавата на, во моментот, најкомпетентната личност за справување со епидемијата, актуелниот министер за здравство Венко Филипче, никако не може да се смета за полтичка или партиска кампања, туку како покривање на прашањата што се од највисок јавен интерес, а тоа е и суштината на професионалното и објективното информирање , се наведува во реакцијата.

Во соопштението се додава дека примерот на Телма, кој се појавува како последица на слободното толкување на членовите на изборниот законик што заговараат сериозна рестрикција во правилата на информирање во време на изборниот молк доволно сериозно укажува дека ваквите законски решенија можат сериозно да ги нарушат приоритетите во јавниот интерес, особено во ситуации на елементарни непогоди и зарази како што е сега случајот со епидемијата на Ковид-19 .

-Во таа насока, сметаме дека е крајно време да се размисли за промена на изборниот законик во овој рестриктивен дел, каде што политичката кампања и партиска агитација јасно ќе биде издиференцирана од прашањата од поширок јавен интерес, сѐ со цел граѓаните целосно да бидат информирани, а медиумите и новинарите да бидат заштитени од паушалното и волунтаристичко толкување на законските одредби, нагласи ССНМ.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close