Стано: Референдумите во Русија се ескалација, ќе одговориме на соодветен начин

Европската Унија повтори дека референдумите кои се организираа овие денови во повеќе украински области за присоединување кон Русија се нелегални и нема да бидат признаени, јави дописничката на МИА од Брисел.

Портпаролот за надворешни работи, Петер Стано, изјави дека овие референдуми се одвиваат под воена закана и дека локалното население таму е протерано, и дека ЕУ нема да ги признае резултатите.

Русија од саботата до денеска организираше референдуми во Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје за присоединување кон Русија. Кремљ предупреди дека натамошна поддршка на западните сили во овие региони може да се смета за директно учество во воениот конфликт меѓу Русија и Украина.

– Земјите членки на ЕУ соопштија дека овие референдуми сè уште знак на ескалација од страна на Русија, а ние ќе реагираме на соодветен начин, одговори Стано на прашање како ЕУ се позиционира пред овие закани, но не даде повеќе детали за тоа што значи „соодветно“.

Во меѓувреме лицата и ентитетите кои на каков било начин ги поддржале референдумите во четирите украински области подлежат на санкции во Европската Унија, вклучително и ако станува збор за европски граѓани. На секоја земја членка останува да одлучи дали и како ќе ги санкционира оние кои учествувале во овие дејствија.

Европската Унија исто така разговара за нов пакет санкции, но за ова нема детали во овој момент.

Back to top button
Close