Стапица во која МПЦ-ОА не смее да падне

Катерина Блажевска

Дали се создава блок на православни цркви кои признавањето на автокефалноста на МПЦ сакаат да го оттргнат од рацете на Вселенската патријаршија?

Каква е целата на денешната (11.01) посета на Скопје од шефот на руската црковна дипломатија, митрополитот волколамски Антониј, за која најавата не стигна од МПЦ-ОА, туку од македонски и бугарски медиуми? Посетата ја потврди митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, но без детали околу причините и целта на состанокот, на кој ќе присуствуваат неколку архиереи од Синодот на МПЦ-ОА.

Новинарот и верски аналитичар, Бранко Ѓоргевски, вели дека целите на посетата на рускиот митрополит Антониј треба да се бараат во случувањата и групирањата меѓу православните цркви, што ги отвори одлуката на Српската православна црква да ѝ го даде и признае автокефалниот статус на МПЦ-ОА.

„На сцена, практично е еден вид референдум на православните цркви во однос на она што СПЦ го нарече како Томос за автокефалноста на МПЦ-ОА. Со него, СПЦ истовремено прати порака дека таа е надлежна да ѝ го издаде Томосот на нашата црква, и дека за тоа треба согласност на останатите православни цркви. Односно, во објавениот Томос воопшто не ја спомна Вселенската патријаршија како институција која, на крајот од патот, треба да издаде полноважен и легален Томос за автокефалноста. Па така, сега сме сведоци дека Руската православна црква и Бугарската православна црква во своите соопштенија за признавањето на нашата автокефалностнаведуваат дека го признаваат Томосот издаден од СПЦ и, исто така, не ја спомнуваат потребата Томосот да биде издаден од Вселенската патријаршија. Практично, се создава блок на Православни цркви (СПЦ, РПЦ, БПЦ…) кои признавањето на автокефалноста на МПЦ сакаат да го оттргнат од рацете на Вселенската патријаршија“, оценува Ѓоргевски.

Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј (л.) ја потврди посетата на митрополитот волколамски АнтонијМитрополитот дебарско-кичевски Тимотеј (л.) ја потврди посетата на митрополитот волколамски Антониј
Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј (л.) ја потврди посетата на митрополитот волколамски Антониј, без да наведе детали

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Според тоа, на друга страна останува блокот предводен од Вселенска патријаршија, кој смета дека само таа може да издаде легален и легитимен Томос. Така, Грчката православна црква во своето соопштение дека ни го признава канонскиот статус искажа загриженост околу Томосот на СПЦ, потенцирајќи дека „единствената надлежна институција за доделување Автокефалност е Сечесната Вселенска Патријаршија“.

Има ли случајности?

Рускиот митрополит Антониј пред еден месец беше во посета на Софија, која во бугарски политички кругови беше оценета како посета која има цел да изврши притисок врз БПЦ да ја признае црквата во РСМ со статусот и именувањето определено од СПЦ. Најгласна во реакциите беше парламентарната партија Демократска Бугарија (ДБ), која укажа дека „според каноните на православната црква, Вселенската патријаршија е единствената која има право да издава Томос за автокефалност на која и да е друга православна црква“.

„Заземањето на просрпска и проруска позиција од страна на БПЦможе да доведе до сериозни дипломатски компликации не само со останатите православни цркви, туку и со грчката држава“, предупреди ДБ.

Eдна недела по посетета на митрополитот Антониј, Синодот на БПЦсоопшти оти едногласно решил дека „со духовна радост го прима Томосот што Српската патријаршија ѝ го даде на Црквата во Република Северна Македонија, а до донесувањето на сеправославна одлука по прашањето за името на црквата во РСМ, нејзиниот поглавар ќе го спомнува како архиепископ северно-македонски“.


Заедничка богослужба на МПЦ и СПЦ, 24.05.2022Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Имајќи ги предвид последните плодови од дипломатијата на Антониј, што може да значи неговата посета на црковно Скопје?

„Ваков референдум на Црквите во чиј центар е МПЦ-ОА треба да се стави во контекст на големиот судир меѓу Руската црква и Вселенската патријаршија околу тоа каде ќе биде центарот на Православието, а околу што постојано има епизодни конфронтации. До вчера тоа беше Украинската православна црква, сега поводот ќе биде МПЦ-ОА. Оттаму, за мене нема дилеми дека посетата на рускиот митрополит Антониј има за цел придобивањето на МПЦ-ОА да се позиционира во блокот на кој засега му припаѓаат Руската, Српската и Бугарската православна црква. Она што треба да биде клучно за наша одлука – е нивниот став дека Томосот на СПЦ е легален и легитимен и дека нема потреба да се бара Томос од Вселенската патријаршија. Јас се надевам дека македонските владици нема да го прифатат ова, бидејќи ваквата теза крие стапица. А таа е во фактот што МПЦ-ОА ќе остане без Томосот од Вселенската патријаршија кој е најважен и единствено легален и легитимен, ќе остане потоа во сферата на руско, српско и бугарско влијание… Српската и Руската црква, на пример, треба да кажат како белградскиот Томос е исправен кога токму со него се предвидува потребата од прифаќање и од други православни цркви, а таков консензус нема да биде можен бидејќи против ќе биде блокот на грчки православни цркви“, укажува Ѓоргевски.

Темелно, а не експресно решение

Aрхиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан уште при добивањето на Томосот од СПЦ, на заедничката служба во Белград порача дека тој е „препорака“ а не и конечен Томос, по кој ќе следи одлука на Вселенската патријаршија. И во интервју за грчкиот весник „То Вима“ во јуни 2022 година, поглаварот на МПЦ-ОА потенцираше дека Охридската Архиепископија ќе го почитува канонскиот поредок на Православната црква и ќе бара Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, бидејќи „единствено Вселенската Патријаршија издава томос за автокефалност, а другите Цркви тоа со почит го прифаќаат“.


Г.г. Стефан: Единствено Вселенската Патријаршија издава томос за автокефалностФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Нити бараме, нити посакуваме, нити заслужуваме експресни решенија, не сакаме нешто што ќе ја постави Охридската Архиепископија на половина пат и измеѓу“, порача г.г. Стефан.

Но, има и други прашања, кои засега се без одговор.

„Целта да се добие Томосот од Вселенската патријаршија ја истакнуваат сите македонски владици, без исклучок. Се разбира, посебно прашање е што ќе пишува во тој Томос што би ни го дала Вселенската патријаршија? Односно, какви права таа би имала во однос на МПЦ-ОА? Не само последниот Томос кој Вселенската патријаршија ѝ го издаде на Православната црква во Украина, туку и претходните на други цркви, укажуваат дека таа сака да си ја јакне својата улога и позиција, ставајќи се во доминантна положба во однос на Црквата на која ѝ го дава Томосот. Оттаму и барањата новата Црква да нема право да има свои епархии во дијаспората, туку таму да раководи Вселенската патријаршија, таа да биде судска инстанца за спорови кои би се јавувале во новата Црква, да дава согласност за евентуалното менување на титулата на поглаварот на новата Црква… Тоа се барањата пред кои може да биде поставена и МПЦ-ОА и коишто може да го усложнат добивањето на Томосот од Вселенската патријаршија, можеби и да го одложат, доколку не се најде компромис. Не би сакал МПЦ-ОА да дојде во ситуација на статус кво, односно, да биде признаена како канонска црква, но без признаена автокефалност, со што би почнал период на чекање да ѝ се даде полноважен Томос за автокефалност“, вели Ѓоргевски.

Улогата на политката

Стремеж на МПЦ-Оа е да биде призната од сите православни цркви, без блоковска поделба кој би се прекршила врз нејзиниот статус. Но, уште лани се појавија индиции дека тој пат нема да биде „мазен“, туку поплочен со политика и користен за такви цели. Така, лани во јули шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, одлуката за обновување на евхаристичкото единство меѓу српската и македонската црква ја нарече „мудра“ и објасни зошто.

„Со тоа се овозможува повторно воспоставување на евхаристичко единство со Руската православна црква, за што ние сме заинтересирани. Сигурен сум дека тоа ќе послужи за доброто на православието“, изјави Лавров, со оценка дека „тоа е достоен одговор на интригите што ги плете цариградскиот патријарх“.

„Тој се обиде засекогаш да го погреба секој однос меѓу другите православни цркви, пред сѐ, српската и македонската. Овој провокативен план е спречен“, изјави Лавров лани во јули.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, одлуката за обновување на евхаристичкото единство меѓу српската и македонската црква ја нарече „мудра“ Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, одлуката за обновување на евхаристичкото единство меѓу српската и македонската црква ја нарече „мудра“
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, одлуката за обновување на евхаристичкото единство меѓу српската и македонската црква ја нарече „мудра“

Фотографија: Evgenia Novozhenina/REUTERS/dpa/picture alliance

Еден месец претходно, дотогашниот шеф на руската црковна дипломатија, митрополитот Иларион Алфеев, (на чие место сега е митрополитот Антониј) без никакво образложение беше сменет од позицијата шеф на одделот за надворешни работи на РПЦ, разрешен од функцијата постојан член на Синодот на РПЦ, но и од позицијата Ректор на богословската образовна институција на РПЦ за постдипломски студии „Свети Кирил и Методиј“. По разрешувањето беше назначен за Будимпештански митрополит кој ќе управува со Унгарската епархија на РПЦ. Неговото разрешување тој го објасни со „денешната општествено-политичка состојба и фактот дека е направен остар завој, во кој тој не се вклопил“.

„Многумина ме прашуваат зошто? Како? Всушност, и јас самиот не знам многу детали. Ми беше кажано дека оваа одлука не се должи на никакви недостатоци во работата на Одделот за надворешни црковни односи или на Сецрковната постдипломска школа, или во овој свет храм, или во другите црковни институции со кои раководев. Само беше кажано дека тоа е неопходно од денешната општествено-политичка состојба. Може да сметате дека патот направи многу остар завој, јас не се вклопив во него и се најдов надвор од патот. Но, тоа е подобро отколку да влезам во каналот, мојот автомобил да се преврти и да експлодира“, изјави Алфеев.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close