Стара надеж

Не знам што е драматично, а уште помалку, пак, што е смешно во изјавата на новата министерка за одбрана Славјанка Петровска дека оружените сили на Македонија се подготвуваат за евентуалната агресија на Русија врз Украина.

Во интервју на Телевизија Телма министерката рече: „Ангажманот на нашата армија се дефинира на конференција за генерирање на сили кои се одржуваат под Врховна команда на сојузничките сили на НАТО за Европа и секоја земја-членка става на располагање сили, единици или опрема согласно можностите. Во моментов, имаме обврска и изготвуваме анализи за можноста за потенцијално наше учество во можната деескалација на ситуацијата“.

Ништо драматично. И ништо смешно во вицовите по социјалните мрежи дека Македонија ќе ја напаѓа Русија.

Ние сме членка на НАТО. Триесет години се боревме да станеме членка на НАТО. Ние сме внатре – во НАТО. И би биле сосема несериозни, во ситуација кога цел свет зборува за можна нова војна во Европа, ние да се правиме како да не сме од тука. Нашите сојузници во НАТО рекоа дека во евентуален конфликт ќе застанат на страната на Украина. НАТО е првенствено воен сојуз. И нормално е како држава членка на таа организација, како сојузници на другите 29 држави, да се преброиме, да видиме со што можеме, а со што не можеме ние да придонесеме во евентуалниот конфликт на НАТО со Русија, бидејќи сме потпишале договор со обврски. Може ќе дадеш воздушен простор. Може ќе ги отстапиш аеродромите. Може ќе испратиш медицински тим. Може немаме тенкови, ама имаме снајперисти. Може и стручњаци за пи-ар имаме. И интернет ботови за сајбер напади со глупава смисла за хумор. Така е тоа со сојузите. Даваш тоа што имаш. Другите ти даваат тоа што го немаш.

Башка, смешно ли беше кога праќавме војници во Авганистан и во Ирак? Зошто нема вицови дека имаме свои војници во Косово и во Босна и Херцеговина?

Потсмевањето нема врска ни со НАТО, ни со Русија. Изјавата на министерката Петровска само им се погоди како уште една прилика да си играата мајтап со жена на јавна функција и да наоѓаат маани на нејзиниот физички изглед.

Мислиш дека си шизик кога се потсмеваш со нашето учество во НАТО. А всушност, зад НАТО си го криеш простотилакот.

 

Колумната на Горан Мијаловски во целост прочитајте ја тука

 

 

Back to top button
Close