Стартува масовната имунизација против Ковид, подготвени шест регионални центри

 Започнува масовната имунизација на населението, во повеќе регионални центри низ државата – Скопје, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола. Предвидено е да се вакцинираат меѓу 10 до 15 илјади граѓани на ден, со што здравствените власти очекуваат до почетокот на летото да имаме висок процент на вакцинирано население и целосно менување на епидемиолошката состојба.

Во меѓувреме бројот на заболени се намалува и со тоа и притисокот врз болниците, по што Главниот координативен кризен штаб предложи од среда полицискиот час да почнува од 23 часот и да трае до 05 часот наредниот ден, а летните тераси и градини на угостителските објекти да работат до 22:30 часот.

Овие предлог-мерки треба да бидат разгледани на следната седница на Влада и би биле со важност од 5 мај 2021 година.

За време на продолжениот викенд вкупниот бројот на заразени продолжи да се намалува, и тоа од 14.747 на 30 април, на 13.915 на 3 мај.

Во истиот период вкупно новозразени беа 746, а оздравени 1.700 пациенти.

Вчера беа регистрирани 62 новозаболени и 398 оздравени пациенти, откако на 2 мај имаше 105 новозаболени и 403 оздравени пациенти, на 1 мај 214 новозаболени и 305 оздравени, а на 30 април 365 новозаболени и 594 оздравени.

Вкупно 200.000 кинески вакцини, кои пристигнаа минатата недела, се дистрибуирани во салата „Борис Трајковски“ во Скопје и регионалните центри во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, по што од денеска со нив ќе почне масовната вакцинација на населението. Здравствени власти најавуваат вакцинирање на бројка од меѓу 10 и 15 илјади граѓани на ден, и висок процент на вакцинирано население до почетокот на летото.

Министерот за здравство Венко Филипче, по пристигнувањето на 200 илјади вакцини „Синофарм“ во петокот најави дека се очекува да пристигнат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“.

Според Министерството за здравство, согласно вчерашниот ден на инфективните оддели низ земјава се лекуваат вкупно 1.085 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот и во ковид-центрите има 757 празни болнички кревети.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 152.747, бројката на оздравени пациенти е 133.871, на починати е 4.961, а бројот на активни случаи изнесува 13.915.

Back to top button
Close