Стечајот на Еуростандард банка во книга

Колумна на Трифун Костовски

Почитувани читатели, во континуитет пишувам за пропустите направени од институциите во Република Македонија, при носењето на Еуростандард банка во стечај, институции зад кои стои силен банкарски криминал воден од поединци и групи. Очигледно е дека Народна банка, стои зад овој грозоморен чин.

Некористењето инструменти кои ѝ стојат на располагање за стабилизација на банкарскиот сектор, вклучително и Еуростандард банка, Народна банка свесно ги прескокнувала. Првиот инструмент се вонредни мерки, кои подразбираат одземање на лиценци на членови во Надзорниот и Управниот Одбор и високи структури во банката.

Вториот инструмент е воведување на администрација, наместо водење на банката во стечај.

Уште еден факт укажува на намерата на Народна банка, а тоа е тримесечно одбегнување соработка со потенцијалниот партнер за докапитализација на банката .

Убеден сум дека причините за овој чин ги знае Госпоѓата Бежоска, актуелен Гувернер на Народна банка.

Техничката Влада предводена од Оливер Спасовски, носи две контроверзни уредби со сила на закон, што е само логистичка поддршка на Народна банка.

Основното Јавно обвинителство севкупната истрага ја врши врз база на првичниот извештај на Народна банка. Законските рокови за истрагата се одамна минати, ама молкот и натаму е присутен и официјално Основното Јавно обвинителство сѐ уште ја води оваа смешна и срамна истрага.

Собранието на Република Македонија на чело со спикерот Џафери и Комисијата за финансирање и буџет при Собранието на Република Македонија сѐ уште молчат. Токму Собранието и нејзината комисија се единствените со закон овластени органи да вршат контрола во работата на Народна банка. Зошто молчат?

Денес сме сведоци за експресно банкротирање на една од најсилните банки во САД, Silicon Valley Bank, која силно го потресе банкарскиот сектор не само во САД, туку и во целиот свет.

Пред неполни 3 години , стечајот на Еуростандард банка во Македонија, помина како ништо да се нема случено, а добрите познавачи на стопанството знаат дека последиците од овој стечај се далекусежни. Оштетени се многу правни и физички лица, за кои сум убеден дека комплетно ќе бидат исплатени од стечајната маса.

Уништени се Македонски пошти, кои со нејзините филијали низ Македонија со Еуростандард банка контролираа 24% од вкупниот платен промет на годишно ниво.

Македонски пошти, институција која со децении наназад е неприкосновена, ова е силен удар. Македонски пошти изгубија 80 илјади пензионери.

Дали некој сериозен политичар и стопанственик може да молчи на вакви факти?

Очигледно во Македонија нештата се доживуваат спротивно од светските трендови врзани за изградба на силна држава каде економијата, а со тоа и стандардот на граѓаните, треба да се приоритетни.

Голата борба за власт меѓу политичките партии без мрвка визија веќе на сите ни се удира од глава.

Дали треба да молчиме, бидејќи сум убеден дека Еуростандард банка не е единствениот случај во Македонија која доживеа фијаско?

Почитувани читатели, моите колумни посветени на стечајот на Еуростандард банка се реалност. Добив порив во најблиска иднина да преземам активности и сите мои колумни поврзани со стечајот на Еуростандард банка ќе ги срочам и отпечатам во книга, која ќе им ја подарам на сите институции во Република Македонија кои директно или индиректно учествувале во стечајот на Еуростандард банка.

Овој чин ќе го направам само со една цел, преку книгата да оставам запис, траги за еден организиран криминал во мојата сакана Македонија. Пишаните колумни во електронска форма со тек на време ќе исчезнат, но книгата ќе остане како аманет за сите идни генерации да се борат со сите расположливи средства против банкарскиот криминал зад кого стојат институциите на власта.

Back to top button
Close