Стефковски со осуда за инцидентот во Ченто: Повредениот ученик е во болница и е во добра здравствена состојба
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, го осуди инцидентот што вчера се случил во основно училиште во населбата Ченто, при што со остар предмет е повреден ученик од деветто одделение.

Стефковски информира дека разговарал со членови на семејството на повредениот ученик, кои го информирале дека малолетникот е во добра здравствена состојба и се наоѓа на болничко лекување.
„Со жалење и сериозна вознемиреност ја примив информацијата за немилиот настан што се случил во училиште во Ченто, каде што поранешен ученик, кој минатата година го завршил своето образование во ова училиште, дошол и повредил ученик од деветто одделение. Лицето што го извршило нападот е обезбедено од МВР. Како градоначалник на Гази Баба изразувам најостра осуда на ваквиот чин. Насилството не може да се оправда со ништо“,пишува Стефковски во објава на Фејсбук.
Градоначалникот додаде дека Општина Гази Баба останува во постојана координација со надлежните институции кои преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.





