Стоиљковиќ: Како ќе живееме со македонскиот народ овде заедно ако немаме елементарно чувство за нивните проблеми
Изјаснувањето на граѓаните со различна етничка припадност од онаа што во суштина ја имаат за да добијат работно место е административен криминал, оцени вечерва вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ.
Нагласи дека сите во земјава треба да бидат свесни за моменталните проблеми во евроинтеграциите и додаде дека на тоа поле треба да се игра на повеќе колосеци, бидејќи, како што рече, знаеме каде стигнавме кога игравме на само еден колосек.
-Како ќе живееме со македонскиот народ овде заедно ако немаме елементарно чувство за нивните проблеми… Тврдењата на Албанците дека доколку Македонците не сакаат во ЕУ, тие сами ќе одат таму се манипулација уште од времето пред полноправното членство на земјава во НАТО. И тогаш велеа ако не сакаат Македонците во НАТО ние ќе одиме сами. Македонија дефакто е 30 години во НАТО, а официјално е пет години членка, рече Стоиљковиќ во интервју за ТВ Канал 5.
За најавите за промена на грбот рече дека смета оти само ќе предизвикаат да се направи спирала на дестабилизација и да се отворат многу прашања.
-Моменталните околности кај нас не се погодни за спроведување операција од пошироки размери, истакна Стоиљковиќ.
За Судскиот совет, пак, порача дека воопшто нема да беше споменуван во јавноста и во медиумите доколку си ја вршеше добро својата работа.
-Тефтерчињата на ВМРО-ДПМНЕ за судството се мали скрипти, а на СДСМ се огромни томови, посочи Стоиљковиќ за обвинувањата од опозицијата дека власта се меша во работата на судството.