Стручњаци од Градежниот факултет со дополнителни испитувања на мостот на Вардар кај Башино Село

Стручњаци од Градежниот факултет при УКИМ од Скопје, предводени од деканот проф д-р Горан Марковски денеска извршија наменско испитување на мостовската конструкција на мостот на реката Вардар кај Башино Село, кој поради влошената состојба на носечките столбови од 4 јануари годинава е затворен за сообраќај.

Целта на ова испитување е да ги потврдат постапките кои од нив се превземени при изработка на техничко решение за санација на мостот. Како што изјави за МИА, деканот проф д-р Марковски по сумирање на овие неопходни податоци, оваа недела ќе биде целосно готово соодветното техничко решение за санација на мостот, а ќе значи и старт за негова санација и времено оспособување.

– Она што денеска можам да го ветам е дека како стручњаци ќе превземеме се’ за да го намалиме ризикот во однос на безбедноста на неговите корисници, потенцира проф д-р Марковски.

Според неговите првични проценки очекува мостот да биде саниран за месец и половина и потоа времено приспособен за сообраќај.

Воедно појасни дека тој и неговите колеги денеска извршиле пробно товарење на мостот со камиони од 40 тони, статичко и динамичко на горниот строј на мостот на носачите, за да видат во каква состојба се и од тој аспект да можат да донесат конечно решение што понатаму со мостот.

– Нашата основна цел е да го оспособиме мостот да може времено да се користи за сообраќај, а со што градот ќе се растерети од сообраќај, појасни проф д-р Марковски.

Тој потенцира дека една од целите на техничкото решение е што побрзо да се оспособи мостот на Вардар кај Башино Село.

– Рокот за кој ќе се санира мостот зависи од неговата оштетеност, што по денешното снимање на мостот, резултати ќе ги утврдиме за некој ден. Јас очекувам за месец и половина мостот да биде пуштен на повторно користење, појасни деканот проф  д-р Марковски.

Најави дека размислуваат на мостот на Вардар кај Башино Село да постават и постојан мониторинг, а со цел да бидат сигурни како мостот ќе се однесува кога ќе се пушти во сообраќај.

На новинарско прашање за каков вид на сообраќај понатаму ќе биде овој мост, проф д-р Марковски појаснува дека сега е прерано да се говори за тоа.

– Ќе видиме до кој степен сега ќе се изврши санација,а  од тоа потоа ќе зависи и како понатаму ќе се користи овој мост. Инаку техничкото решение од Градежиот факутет е при крај,и во нередните неколку дена како и што ветивме  ќе го предадеме на Јавното претпријатие за државни патишта, а по што тие треба да одберат изведувач кој ќе ја изврши санацијата на мостот,појасни деканот проф д-р Марковски.

Инаку, како трајно решение при минатонеделната посета на мостот, премиерот Христијан Мицкоски најави по завршување на сите админстративни процедури да се изгради нов мост на Вардар кај Велес на 50 -тина метри подолу од постоечкиот, а неговата изградба да започне кон средината на идната година.

На вонредна седница Советот на Општина Велес донесе едногласна одлука за времен сообраќај на тешките возила низ центарот на градот само ноќе.

Back to top button
Close