Сведокот Трајковски: ,,Цитроенот” веднаш ми падна во очи, возеше 10 км на час
На денешното судско рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочи сведокот Гоце Трајковски. Тој раскажа како дошол на идеја заедно со таткото да бараат снимки, а откри и како ,,цитроенот”, со кој беше киднапирана Вања, му паднал во очи , пренесе Фокус.
Сведокот истакна дека таткото на девојчето, Александа, му ја покажал патеката каде се движела Вања. Тој одел по истиот пат и барал снимки од околните објекти. Во првиот објект му рекле дека снимките не им работеле, а потоа влегле во фризерница, која гледала кон зградата на девојчето. Идејата пак самите да ги бараат снимките ја добиле, како што рече, зошто полицајците биле собрани и ништо не правеле, изгледале како да играат криенка.
-Газдарицата ни даде на телефон да ги гледаме. Ги враќавме камерите назад за да видиме дали ќе помине пешки Вања. Се чудевме зошто локаторот на телефонот покажува дека се движела тука, а таа не поминува. Затоа проверивме дали на камерите ја има мајката на Вања, да не се снимки од друг ден, но неа ја имаше во 7.40 часот како трча испаничено. Девојката снимките ни ги даде на усб, рече сведокот.
По фризерницата, побарал снимки од кафеана во близина, но му кажале дека камерите не снимаат на улица, а претходно биле полицајци и ги земале снимките.
-Потоа се јавив кај другар во ,,Сејф сити” да провери на камерите, случајно да не заминала кон парк. Ми рече дека ја нема на камерите кон паркот. Ми рече дека цела полиција е вклучена и дека сите се чудат дека нема трага, како со хеликоптер да е земена, рече Трајковски.
Потоа сведокот рече дека бил и во една менувачница за да побара снимки, а таму веќе имало и полицајци.
-На снимките видовме девојче 95% облечено како Вања, но мајката ми кажа дека се разликува по ранецот, рече сведокот.
Потоа Александар го повикал во станот да гледаат снимки, зошто бил уморен и му требало помош.
-Во периодот од 7.15 до 7.30 поминаа 15-тина коли и за секоја направивме скриншут. Ми падна чудно што првите поминуваа со 40-50 брзина, а кога помина ,,цитроенот” многу димеше позади и возеше 10 на час. Се гледаше дека колата е тазе запалена, тргнала од тука некаде, а и прозорите беа замаглени, рече сведокот.
Автомобилот му го посочил на Александар, а тој искоментирал дека немало шанса Вања да се качи во таков автомобил.
Снимката од автомобилите ја пратил на другарот од Сејф сити, а тој го прашал од каде ја нашол колата ,,цитроен”, бидејќи е на велешанец кој исчезнал.
Истакна и дека на таа снимка, од фризерницата, не се гледала регистерската табличка.
Тогаш пребарал на интернет и ја нашол веста за исчезнатиот велешанец, а во исто време наишол и на фотографија од автомобилот, кога бил огласен за продажба, а на неа се гледало таблицата.
Тој додаде дека сомнително му било уште едно големо комбе и пикапот ,,рено кангу”. Кога комбето скршнало на друга страна, во фокусот им останале ,,цитроенот” и ,,реното кангу”, бидејќи возеле во иста насока, и во близина.
…