Светот без Американа, и светот без свет (2 дел)

Кон првиот дел

***

Најзачудувачко, а и најпотресно, да се признае за светот околу САД, е доброволното евакуирање од сѐ што предвидливо и безбедно го предводеше оваа империја претходно. Снајдер тоа го нарекува самоубиство на суперсилата.

САД никогаш не беше потполно вклопена во мултилатерализмот и меѓународното право, но денес е скоро потполно исклучена од тоа што го нарекуваше „систем базиран на правила“ во меѓународните односи. Не само де факто надвор од ООН и специјализираните агенции, договорите за животна средина и кривичноправните тела, туку и де факто пасивна во НАТО, контра европските сојузници.

Денес, со посредство на ваквото разорно однесување, меѓународните односи се надвор од било каков систем: оној што го градеа по Втората светска војна, но и без контури на нов поредок – во некаков лимбо без систем и меѓународно право, во кој застрашувачки царува повторно голата моќ.

Падот на Империјата, Снајдер го гледа во намерното врзување за надминатите извори на енергија (фосилните горива), со што приматот на новите извори на енергија намерно го препушта на Кина и доброволно ја губи трговската војна со Кина; ја помага Русија против Украина и ЕУ и намерно ги отуѓува сојузниците и целосно го напушта поредокот кој со децении самата го градела. Снајдер заклучува дека САД веќе не се однесуваат како држава, туку како група олигарси лојални на еден предводник.

Но, САД не го напушта меѓународниот систем со промислен концепт, ниту мирно и безбедно. Прво, создава илузија на нов вид договарање (дил мејкинг дипломаси), која треба да го замени огромниот и комплексен мултилатерален систем на дипломатија и организации. Нормално, тоа е невозможен кловновски потфат, но не значи дека нема да нанесе штета и да направи хаос.

(*Трамп во својата книга за преговарање знае само за т.н. дистрибутивни преговори, кога резултатот е со збир нула и во кои има победник и губитник. Не знае, ниту расправа, за повеќето меѓународни преговори, кои се т.н. интегративни преговори, во кои има различни вин-вин ситуации и во кои сите страни можат да бидат добитници од дипломатијата, но нејсе….).

Таа нова дипломатија брзо ја нарекоа гангстерска дипломатија, која користи сила и закана со сила кога им одговара на моќните, надвор од границите на меѓународното право и ООН, и директно ги напаѓа органите, телата и лично лицата кои се спротивставуваат на таквата политика или се држат до правилата и фактите наспроти јазикот на фантазиите и манипулациите (санкции врз членовите на Кривичниот трибунал, меѓународниот јавен обвинител, кон Франческа Албанезе и сл.).

Посебна трагедија за САД е неговата понижувачка и уценувачка врска со Израел и неговата сегашна влада – која го доведе до дипломатска и воена катастрофа на Блискиот Исток.

Секој голем меѓународен пресврт има своја структура на содржина, форма и тригер-момент. Значи, има свои интереси, процеси низ кои се остваруваат и момент од кој тие стануваат неповратни, разоткриени и забрзани.

За САД тој тригер-момент е војната со Иран. Поради тоа, малку ќе ја анализираме неа.

Веројатно уценет и изманипулиран, малку занесен со успехот во Венецуела, претседателот на САД Доналд Џ. Трамп прави сериозна погрешна процена и без стратешки план влегува во војна со Иран. Наводно да обезбеди Иран да нема нуклеарно оружје (кое и со Договорот на Обама со Иран го немаше), а во основа да му овозможи на Израел нова стратешка предност во регионот или негово стратешко преуредување.

Во војната ги изложува сите свои сојузници од регионот: Катар, Оман, Саудиска Арабија, Бахреин, Кувајт и др., ветувајќи им пасивизирање на Иран, промена на режимот, кој е наводна закана и за нив.

Војната, американските даночни обврзници досега ја платија 25 милијарди долари, плус дополнително укинување на здравствените бенефиции и во така суровиот систем на здравствено осигурување во САД.

Но, проблемот е што војната завршува, односно влегува во фаза ни-војна-ни-мир, со очигледен пораз на САД и Израел:

Режимот во Иран не е сменет, туку Револуционерната гарда е супер-обновена и презема контрола на сѐ во земјата. Имено, земјата се екстремизира и дополнително добива самодоверба бидејќи преживеала и „победила“ супериорен противник – САД и Израел, независно од губитоците и разорувањата.

Кохеренцијата во земјата е на страна на режимот, независно колку бил тој суров пред војната (тоа е закон кога бомбардирате земја).

Воените капацитети на Иран до 70% се ненарушени, што се гледа од сателитските снимки, а истото го објави Њујорк Тајмс. Тоа, пак, сугерира можност да се води војна долгорочно.

Иран не ги бомбардира САД, туку сите сојузници на САД во регионот и постројките на САД кај нив, постојано и долгорочно, што создава крајна нервоза кај овие земји од неможноста да се добие ветениот мир, а камоли победа, и омраза кон САД, кои ветија, а не испорачаа, а притоа ги изложија на губитоци само нив.

Од затворањето на Ормуз губитоци трпат сите: светот, посебно ЕУ и САД.

Договорот за крај на војната е капитулација за САД и фрустрација за Израел.

Се покажа многу брзо дека резултатот од војната е спорен и клучот за крај на војната не е во рацете на Трамп, ниту на САД и Израел, туку кај Иран. Дека „дил-мејкерот“ не може да склучи ништо добро ниту брзо, а очајно сака да избега од војната која го чини страотно многу углед, пари и влијание во домашната јавност.

Каналот Ормуз, се разви во посебна тајна на војната која го фрла на колена џинот. Затворањето на каналот за трговија го депримира светскиот пазар, сојузниците на САД во регионот и САД посебно. САД не можат ефикасно да го отворат и стануваат заложници на Иран.

Добиваат апсурдна равенка: Ормуз војната го затвора, па се борат да го отворат и тоа станува цел на војната? Не можат да го отворат и цел свет е лут на САД зошто го затворија и ветија победа, а ништо од тоа не можат да испорачаат.

Долгорочната консеквенца е дека САД не се доверливи сојузници, го губат угледот во земјите од регионот, во НАТО и во светот. Понижувачкиот пораз на Израел и САД во оваа војна, заедно со претходната вплетеност во геноцидот во Газа, стануваат тригери кои САД не ги очекуваа на „Новиот светски поредок“. Во него САД стануваат регионална, непредвидлива и неодговорна сила, а светската рамнотежа постепено се сели кон Глобалниот Југ, Кина, Индија…

Потоа, дополнително се случува траорно понижувачка дипломатија на САД, водена од Dumb and Dumber како што ги нарекуваат зетот Ј. Кушнер и голф-партнерот на Трамп С. Виткоф, која е наречена „молитва за договор“ упатена кон Иран.

Договорот кој е склучен дипломатите го нарекуваат: Вашингтонска Суецка криза.

Тој не само што е неколкупати полош од оној кој го имаа со Обама, туку содржи и клаузула за репарации кои САД ќе ги плаќаат на Иран за разорувањата, кои ги причиниле, од 300 милијарди долари.

Драги мои, од Сун Цу, низ целата историја на војните до денес, репарации плаќа поразената страна на победникот, не обратно.

Во Договорот се одмрзнуваат сите замрзнати нафтени и парични средства на Иран низ светот и во САД – еден куп пари се концентрираат во Иран, кој е далеку покапацитетен и поопасен за регионот денес во споредба со пред војната. Се укинуваат сите санкции кон Иран.

Но, тоа не е крајот на несреќната интервенција на САД. Имено, иранските екстремни опции и Револуционерната гарда учат дека преку војната (која ја преживеаја и „победија“) можат поефикасно да ја одржуваат внатрешната контрола и хегемонија во земјата и да имаат поголемо влијание во регионот.

Сега војната станува пожелно окружување за иранскиот режим. Затоа така лесно го прекршија примирјето со напади и влегоа во нова ескалација деновиве. Војната не е завршена, влезена е во нискоинтензивни постојани непријателства, а крајот лежи во рацете на Иранците.

Па што да ви кажам, драги мои, оценете сами која е тоа катастрофа.

Европа тоа го дочека со иронично задоволство и го седна Трамп во Версај (каде се потпишуваа историските капитулации) да го потпише договорот за мир со Иран. Задоволството кај ЕУ е од две причини: прво, Ормуз се отвора за трговија. Блокадата на теснецот ѝ штетеше многу на ЕУ. И второ, Трамп е целосно понижен, ослабен и „легнат на брашно“, што е важно за ЕУ во понатамошните политики кон Украина и НАТО.

Тој резултат се виде многу брзо. Трамп ја поддржа Украина и вети помош, а како што сведочите, „одушевен е од љубовта и единството кои го окружувале на НАТО-самитот во Анкара???“ Е, тоа се тие познати флип-флопови (Бог да чува и да брани).

Има нешто поглобално од глобалната криза на меѓународните односи предизвикана со хаосот во кој се САД и со кој го влечат зависниот свет со себе. Има нешто потрагично во историскиот момент кој го живееме, а не можеме јасно да го посведочиме од близината на која сме изложени, од overproximity на таа реалност.

Имено, не се работи само за тоа дека системот на меѓународни односи и право е во криза и дека можеби преку транзиција на хаос ќе влеземе во некој нов систем.

Проблемот кој не го догледуваме е дека можеби тоа воопшто нема да се случи!

Франко Бифо Берарди на тоа посочува во својот есеј „После Газа 2026“. Имено, таму тој вели дека, после истолерираниот геноцид на Израел во Газа, истолериран од целиот цивилизиран свет…, нашиот обид да зборуваме за глобална цивилизација, за хуманизирање на историјата, пропаѓа. И тоа пропаѓа со тресок. Ние гледаме во амбисот кој го создадовме и… тој гледа во нас…

Да се мисли после Газа значи да се признае колапсот на универзалниот разум и демократијата…, на хуманитарните вредности како ветување на модерната…, крајот на векот го дочекуваме соочени со техно-воената машина за истребување народи, наместо со идеалите на повоената ООН за крај на војните и геноцидите.

Нашата варварска иднина нѐ чека, да ја исцртаме нејзината мапа.

Опасноста и предизвикот е дека можеби нема да имаме заедничка иднина воопшто. Дека дел од нас нема да сакаат да живеат во иднина со држави и народи кои се геноцидни, независно дали светот срамно го премолчил тоа и не можел/не сакал да го казни. Дека, како во книгата „Господарот на прстените“, ќе се поделиме на Горна и Долна и не знам каква друга Земја, или дека цивилизации ќе има како во средновековието, без комуникација меѓу себе, а не една единствена кон која се стремеше современиот свет и модерната.

Кратко, на крајот, за македонската изгубеност во сиот овој хаос на меѓународната политика со повлекувањето на САД од сцената на водечка суперсила.

Веројатно насетувате, драги мои, дека нашиве поим немаат што воопшто се случува и какви консеквенци за нас конкретно тоа ќе има?

Љубомир Д. Фрчкоски

Галичник, јули 2026

 

Back to top button
Close