СЗО: Смртноста од Ковид-19 е намалена за 95 отсто од јануари
Бројот на смртни случаи поврзани со Ковид-19 е намален за 95 отсто од почетокот на годината, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО), предупредувајќи дека вирусот не исчезнал.
Според СЗО, вирусот нема да исчезне наскоро и земјите ширум светот мора да научат како да управуваат со неговите последици надвор од итни ситуации, како што се последиците што ги чувствуваат луѓето заразени со таканаречениот долг ковид.
Тедрос Аданом Гебрејесус, директор на СЗО, додаде дека една од десет инфекции има симптоми на долгорочен ковид, што значи дека на стотици милиони луѓе би можело да им треба долготраен третман.
Сепак, „оптимизмот го црпиме од континуираниот пад на бројот на пријавени смртни случаи поврзани со Ковид, кои се намалени за 95 отсто од почетокот на оваа година“, истакна тој на прес-конференција.
„Но, во неколку земји вирусот повторно се шири и во последните четири недели починаа 14.000 луѓе“, рече тој.
Според него, како што покажува појавата на сојот XBB.1.16, „вирусот се уште мутира и се уште е способен да предизвика нов бран на инфекција и смрт“.
Марија Ван Керхове, која во СЗО е задолжена за борбата против Ковид, рече дека сојот XBB и неговите подваријанти сега се распространети ширум светот.
Шефот на СЗО уште еднаш нагласи дека неговата организација не губи надеж да прогласи крај на вонредната состојба во јавното здравство поради Ковид-19. Следната квартална сесија на СЗО на оваа тема треба да се одржи во мај.