Тачи го истакна амблемот на ОВК по веста дека е одбвинет од Специјалниот суд за Косово

 Претседателот на Косово Хашим Тачи се уште нема дадено никаков коментар во врска со вчера објавената информација дека во Специјалниот суд за Косово, чие седиште е во Хаг, е покренато обвининие за воени злосторства против него и против лидерот на Демократската партија на Косово и поранешен претседател на Собранието, Кадри Весели, јави дописникот на МИА од Приштина.

Единственото што го направи, а што во јавноста се толкува како коментар на новонастанатата ситуација, е истакнувањето на амблемот на Ослободистелната војска на Косово (ОВК) на неговата страница на Фејсбук.

Поради новонастанатата ситуација Тачи ја откажа средбата со српското раководство, што требаше да се одржи в сабота, на 27 јуни, во Вашингтон, а која ја организира специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Приштина и Белград, амбасадорот Ричард Гренел. По ова, учеството на средбата со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, што требаше да се одржи во Белата куќа, го откажа и косовскиот премиер Авдулах Хоти.

Косовскиот претседател вчера тргна на пат за Вашингтон, меѓутоа по објавувањето на веста за обвинението го прекина патувањето и се врати во земјата.

Вчера беше објавено дека Специјалното обвинителство за Косово покренало обвиненија против основачите и водачите на ОВК, Тачи и Весели, како и против други лица, за голем број злосторства против човештвото и за воени злосторства, вклучително убиства на цивили Албанци, Срби, Роми и други.

Обвинителството од Хаг објави соопштение во кое се наведува дека на Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, на 24 април му е доставено споменатото обвинение, а дека истото треба да го потврди судија во претходна постапка. 

Back to top button
Close