Техеран ја обвини Украина за напад врз ирански трговски брод во Каспиското Море

Иран ја обвини Украина за вчерашниот напад врз ирански трговски брод во Каспиското Море, при што загинал еден морнар, а уште еден бил повреден.
Иранската државна агенција пренесува соопштение на Министерството за надворешни работи на Иран, според кое нападот предизвикал експлозија на бродот.
„Нападот што украинскиот режим го изврши врз ирански трговски брод во Каспиското Море, за кој лидерот на режимот очигледно презеде одговорност, сведочи за континуираното ирационално и непријателско однесување на украинскиот режим“ кон Иран, соопшти иранското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се додава дека Исламската Република „никогаш не се вмешала во конфликтот меѓу Русија и Украина“.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, вчера на социјалните мрежи соопшти дека биле постигнати „многу значајни резултати со напади на големи растојанија во Каспиското Море“, насочени кон пловни објекти што, според него, биле користени за воени испораки поврзани со Иран.
Иранската државна телевизија објави дека украинскиот вршител на должноста амбасадор во Техеран вчера бил повикан во Министерството за надворешни работи.






