Телма: Агенцијата за разузнавање не коментира дали македонскиот аналитичар Тодоровски продава лажни руски вести по бугарски медиуми

Од Агенцијата за разузнавање не ги коментрале прашањата на Телма за тврдењата на бугарскиот новинар Христо Грозев кој е ставен на руска потерница, а кој тврди дека македонскиот државјанин Дарко Тодоровски дава по 250 евра на бугарски веб-портали за објавување лажни вести и дезинформации произведени во Кремљ

Агенцијата за разузнавање (АР) не одговори на прашањата на ТВ Телма дали се точни изјавите на бугарскиот новинар Христо Грозев по кого Русија издаде потерница, кој тврди дека македонски аналитичар во Бугарија продава лажни вести и дезинформации произведени во Кремљ. Грозев тврди дека македонскиот државјанин по име Дарко Тодоровски дава по 250 евра веб-портали во Бугарија за објавување на дезинформациите

Од Агенцијата за разузнавање не ги коментрале прашањата на Телма за тврдењата на бугарскиот новинар кој како член на истражувачката новинарска група „Белингкет“ е ставен на руска потерница.

„Активностите на Агенцијата за разузнавање (АР) за актери кои работат како дел од креатори и извршители на хибридните планови на трети држави имаат класифициран карактер. Заради ова, со цел да не создаваме погрешна перцепција во нашето општество, Агенцијата за разузнавање не може да коментира за ставовите на бугарскиот аналитичар по однос на споменатото лице од нашата држава“, се вели во одговорот на Агенцијата за разузнавање на прашањата на Телма.

Од Агенцијата наведоа дека во нивна надлежност е „собирање на сознанија за креатори и реализатори на хибридни стратегии кои се закана по националната безбедност“. Во тие хибридни активности, се користат разни алатки и proxy извршители, домашни луѓе кои ги застапуваат и промовираат ставовите и ги исполнуваат целите на таканаречените трети држави, односно држави надвор од НАТО.

„Алатка во спроведувањето на стратегиите е преку пласирање на лажни вести пропратени со пропаганда да се создаде искривена перцепција за состојби на терен и конфузија кај населението“,додаваат од АР.

Но дали вакви активносности имал и посочениот делчевец Тодоровски, Агенцијата за разузнавање не открива.

На комисиска расправа за надзор на бугарските тајни служби во парламентот во Софија, новинарот Христо Грозев го спомна Дарко Тодоровски како продавач на руски деизнформации во Бугарија.

„Може да кажам дека еден од каналите преку кој се доставувани дезинформациите во бугарските медиуми за заплашување, поминува преку македонскиот граѓанин Дарко Тодоровиќ(ски), кој се претставува како дописник и како експерт за руско-украински теми. Со проста проверка се гледа дека многу бугарски медиуми се повикуваат на негови извештаи и сами може да заклучите до каде е стигнато тоа“,рече Христо Грозев, новинар на истражувачката мрежа „Белингкет“.

Тодоровски, пак, во допис до ТВ Телма ги негира ваквите наводи и вели дека лесно може да се докаже оти се лажни.

„Ги изучувам воените конфликти и работата на воените компании и на таа тематика пишувам и докторски труд. Со години пишувам на тие теми на својот Фејсбук профил. Да, јас сум соработувал и соработувам со различни портали, сајтови, медиуми, компании и во Македонија, и во Бугарија, и во Србија, и во Русија, но и со различни новинари и експерти од целиот свет. Околу обвинувањата дека наводно сум давал пари за ширење на лажни вести, и тоа лесно може да се провери и докаже. Слободно на увид ќе ги ставам моите банкарски сметки и трансакции доколку има потреба“, порача Тодоровски.

Тој потенцира дека не се крие и за зад сите текстови и анализи што ги објавил или биле објавени низ годините, како и видео настапи, стои со име и презиме и за голем дел од нив добивал хонорари.

Во меѓуврме, Тодоровски ги затвори профилите на социјалните мрежи за оние кои не му се пријатели.

Back to top button
Close