Тито, лордот Карингтон и либералите

Денко Малески

Марко Никезиќ, претседателот на Сојузот на комунистите на Србија кој настрада во серијата чистките на таканаречените либерали што ги спроведе претседателот Тито на почетокот од седумдесеттите, бара прием кај претседателот и, за последен пат, му ги образложува своите политички погледи. Никезиќ, полиглот и син на Французинка која се занимавала со уметност и татко вработен во странска предвоена нафтена компанија, останува доследен на своите убедувања. Како човек од принципи, му кажува на Т ито што мисли за бирократизираната партија, за економијата под команда на политиката и за југословенското општество во целинa.

Демократизација, му вели Никезиќ на маршалот, потребна е демократзиација на југословенското општество.Тито внимателно го сослушал и му одговорил со само една кратка реченица: Не може мнозинството да владее.Тој момент завршува кариерата на еден сјаен човек, амбасадор во Каиро и Вашингтон и претседател на комунистичката партија на Србија.

Има 51 години, живее уште дваесетина и умира оставајќи го зад себе своето беспрекорно политичко налседство и околу 200, ако добро разбрав, скулптури кои ги извајал во двасетте самотни години по последната средба со Тито.

Слична судбина доживеаја и останатите членови на таканаречените либерали во републиките. Во Македонија тоа беше Крсте Црвенковски, претседателот на Сојузот на комунистите на Македонија и Славко Милосавлевски, професор на Правниот факултет и секретар на партијата.И двајцата ги изгубија функциите а професор Милосавлевски и работното место професор по социологија на Факултетот и на 41 година беше пензиониран. Во некоја поширока смисла и не само заради пријателството со професорот и неговите симпатии кон мене, и самиот ја споделував идејата за демократизација на нашата држава, Југославија. Во наредните дваесетина години, до крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите, немав никакво разбирање за позицијата на маршалот, дека не може да владее мнозинството. Таквиот мој став ги наруши и приватните односи со пријатели и колеги од Факултетот кои гласаа за протерување на професорот. Чистката на либералите ја доживеав исклучиво како безочен обид на еден диктатор да си го зајакне и продолжи векот на владеење. Бев убеден дека е нужна демократизација на југословенското општество и не бев свесен за грдото лице на слободата во мултинационална Југославија.

Дваесетина години подоцна, на почетокот од деведесеттите, видов дека навистина „мнозинството не може да владее“со Југославија. Слободните избори им дадоа легитимитет на ултранационалисти, фашисти и слични на нив , се само не на демократи. Нив ги немаше или да бидам поправеден требаше да се бараат со боринка.Тој факт ја воведе Југославија во серија меѓуетнички колежи, незабележани во Европа од Втората светска војна. Верувајќи дека „тренирањето демократија“, како што напишав во еден текст во скопски „Вечер“, ќе биде некаков мирен процес или дека доколку останаа либералите на власт ќе спроведеа мирна транзиција. Така, му останав „лут“ на маршалот додека не ме поколеба мислењето за него од лордот Карингтон, претседавачот со Конференцијата за Југославија, со кого заедно минавме низ процесот на отрезнување за демократските капацитети на југословенските народи. По неуспехот, о Конференцијата со која претседаваше, да произведе мир во нашата држава, тој ја сфати величината на Тито. Секогаш го ценев маршал Тито но сега го обожувам, зашто единствено тој можеше да владее со овие диви и разединети племиња, ќе изјави Карингтон.

Според Карингтон, личниот авторитет на Тито била главната сила околу која се обединила Јигославија и ја држел обединета до својата смрт во 1980. Тито бил незаменливата сила која ја држела земјата обединета и во мир. Во моментот кога исчезнува, се креваат националните ривалитети па ниту сојузните органи ниту меѓународната заедница не успеваат да влезат во чевлите на маршалот и да го повтори неговиот успех.. Од увидот што го имам, ова е мислење со кое се согласуваат мнозинството историчари и аналитичари во светот, но, додека повеќето ги истакнуваат неговите политички вештини и авторитетот, други ставаат акцент на централизираната партија со која командувал, подеднакво како и со апаратот за безбедност и поволните прилики создадени од блоковски поделениот свет и угледот стекнат како водач на Движењето на неврзаните.

Денес, одново размислувам на истата тема и се прашувам. Дали ставот на Тито дека мнозинството не може да владее со Југославија, бил само желба за апсолутна власт или производ на неговата свест дека без таква власт , лично негова и на партијата со која раководеше нема да може да ја контролира ситуацијата во земјата? Зашто кога дваесетина години подоцна централната власт во Сараево го примени принципот на мнозинство со кое беа надгласени Србите од страна на Муслиманите и на Хрватите, во прилог на независна Босна и Херцеговина, потекое реки крв во Босна и доведоа до војна која траеше четри години. А, сепак, процесите во Југославија туркаа кон демократизација на односите меѓу народите и без либералите. Она што е интересно е што консолидираната власт на Тито по чистката на една сјајна генерација нови политичари, тој ја употреби својата апсолутна власт за да ги спроведе нивните идеи. Со уставот од 1974, Тито се прилагоди на растечките очекувања на народите на Југославија за поголема автономија, па Југославија, дефакто, стана конфедерација со консензуално одлучување на делегатите на републиките во двата собора на сојузното собрание. Неговата вештина и углед доведе до тоа, истите оние кои беа за централизација на државата, да се приклонат на волјата на Тито На разговорот од 1971, Никезиќ е на ставот дека на еден национализам (хрватскиот во тој момент), не треба да се одговора со друг национализам (српскиот), туку дека српската политика треба да се сврти кон внатре и да ги решава своите проблеми, порачувајќи им на босанските Срби дека нивниот центар на одлучување не е Белград туку Сраево. Од оваа временска дистанца разбирам дека решението од уставот од 1974, издејствувано со силата и авторитетот на Тито се одложи војната меѓу југословенските национализми. По смртта на Тито девет години подоцна, во 1980 земјата западна во економска и политичка криза, а републичките национализми ја почна својата меѓусебна пресметка со обвинувања дека оној другиот е виновен за се.

Никогаш нема да дознаеме за нешто што не се случило.Но, едно ми се чини јасно. Имено, дека забрзаната трансформација на федерацијата во нешто налик на сојуз на суверени држави, за кое се залагаа либералите, можеби ќе го ублажеа падот на Југославија. Нешто налик на она што го направивме во МакедонијаИмено, кога партијата на македонските националисти дојде на власт, умерените сили веќе го изведоа процесот на меѓународното признавање со мирни средства. Но, се поставува прашањето:дали демократизацијата која ја бараа либералите, ќе водеше кон мирна транзиција кон демократија во еден сојуз на суверени држави или „ дивите и разединети племиња“ ќе надвладееја и војната ќе почнеше многу порано. Зашто, како што видовме на примерот на Горбачов во СССР, некогаш настаните тешко се контролираат кога се работи за најмоќната идеологија на дваесеттиот и двесет и првиот век: национализмот. Никогаш нема да дознаеме за нешто што не се случило.. Преземајќи ја целата контрола во свои раце со поддршка на „старата гарда“, и спроведувајќи ги, со уставот од 1974,идеите на оние кои ги симна од власт,Тито им обезбеди на народите на Југославија уште дваесет години мир, или вкупно 40. Мир кој тој не можеше да го гарантира со „демократски средства“ кои му беа туѓи, туку само со „цврста рака“со која го раководеше партизанското движење во текот и државната политика по војната .

Лорд Карингтон беше конзервативец со нула симпатии за комунистичките еднопартиски системи. Но, поважно од неговиот односот кон либералната и комунистичката идеологија му беше мирот. Седнати околу конферециската маса пред самиот почеток на сесијата со министрите за надворешни работи на републиките, во просторијата, со задоцнување, влегува и сојузниот министер за надворешни работи Будимир Лончар. Во тој момент, словенчкиот министер Рупел гласно му дофрлува на колегата од Хрватска Шчепаровиќ – „Што бара овој комунист тука?“. Следеше брзата иронична реакција на Карингтон :„Комунист!? Кој спомна комунист? Што чекате, вадете пиштоли и пукајте!“. Потоа преминавме на работа.Претходно, Карингтон од нас побара,на по една страница, да напишеме како го замислуваме исходот на Конференцијата за Југославија.

Јас, на четириесет плус, „наследникот“ на либералите немав дилеми за тоа што е во најдобриот интерес на Македонија и, со образложение, напишав дека исходот треба да биде сојуз на суверени држави. Тоа беше на самиот почеток на Конференцијата кога Карингтон работеше само со министрите за надворешни работи, за подоцна да ги повика и претседателите.На крајот на Конференцијата која траеше половина година на масата се најде документот на Карингтон за создавање на лабава асоцијација, за сојуз на суверени држави чии претседатели и претставниците на другите политички институции би се состанувале периодично, по угледот на ЕЗ. Сите претседеатели на југословенските републики, вклучувајќи го и Киро Глигоров,се разбира, го потпишаа документот на Карингтон освен српскиот претседател Слободан Милошевиќ кој одби и демонстративно стана од масата. Но, меѓународниот фактор беше веќе увидел дека нема да има договор меѓу народите, ја констатира дисолуцијата на Југославија и ,на почетокот од 1992, Арбитражната комисија на Бадантер излезе со свое правно мислење дека само Македонија и Словенија ги исполнуваат условите да бидат признаени од државите-членки на ЕЗ. За независноста на другите републики требаше да се почека до разврзувањето на сложените јазли на нивните внатрешни и меѓусебни односи.Но, политичкото „мислење“ раководено од интересите беше поинакво. Германија одговори со игнорирање на резултатот на Конференцијата и со признавање на Словенија и на Хрватска, повлекувајќи ги со својата политичка и економска тежина и останатите членки на ЕЗ. Германскиот став, и ставот на Милошевиќ да не се поддржи концептот за сојуз на суверени држави, сите во рамките на републичките граници кои би станале меѓународни, доведе до хаотично распаѓање на федерацијата во војни кои траеја четри години. Со правниот документ на Арбитражната комисија в рака,ја заобиколибме ЕЗ и ја продолживме политиката на мирољубиво самоопределување, до приемот во ОН, само единаестина месеци после Хрватска и Словенија.

Back to top button
Close