Трамп ја суспендираше американската помош за други држави
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја презеде функцијата на 20 јануари, потпиша указ за привремена суспензија на сите американски програми за помош на други земји на 90 дена, објавено е на веб-страницата на Белата куќа.Како што се наведува, во тој период ќе се изврши проверка за да се утврди дали оваа помош е во согласност со политичките цели на новата администрација.
„Соединетите Американски Држави во иднина нема да пружаат никаква помош на други земји што целосно не одговара на надворешната политика на претседателот на САД“, се наведува во декретот.
Исто така, се истакнува дека „американската странска помошна индустрија и бирократијата не им служат на американските интереси и во многу случаи се во спротивност со американските вредности“.
Како што пишува АП, странската помош на Соединетите Американски Држави во целина не изнесувала повеќе од еден процент од буџетот, освен во посебни случаи како што е поддршката за Украина. Стејт департментот во јануари објави дека од февруари 2022 година за воена помош на Украина се издвоени речиси 66 милијарди долари, а од 2014 година – речиси 70 милијарди.
Други земји кои добиваат американска помош се Израел (3,3 милијарди долари годишно), Египет (1,5 милијарди долари годишно) и Јордан (1,7 милијарди долари годишно). Тие земји добиваат помош како дел од долгорочни програми, па тешко дека декретот на Трамп ќе влијае врз нив, истакнува АП