Трамп го напушти Рим по погребот на папата Франциск и кратката средба со Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го напушти Рим по завршувањето на погребната церемонија на папата Франциск и кратката средба со неговиот украински колега Володимир Зеленски, објави Си-Ен-Ен.
Средбата Трамп-Зеленски во базиликата „Свети Петар“ беше првата средба по нивниот разговор во Белата куќа, кога американскиот претседател се обиде да изврши притисок врз Украина да склучи мировен договор со Русија.
Украинското претседателство објави дека Трамп и Зеленски ќе имаат втора средба денеска, но подоцна беше објавено дека нема да има.
Претходно, Белата куќа и украинското претседателство одделно објавија дека двајцата претседатели имале кратка средба пред почетокот на погребот на папата Франциск, без да дадат детали за средбата, освен дека разговорот бил продуктивен.
Украинскиот претседател Зеленски напиша дека се надева на „резултати“ по „симболичната“ средба со неговиот американски колега Доналд Трамп.
„Добра средба. Разговаравме во четири очи. Се надевам дека ќе добиеме резултати околу сите покренати прашања“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Тој повтори дека сака „целосен и безусловен прекин на огнот“.
„Многу симболичен состанок што би можел да стане историски ако дојдеме до заеднички резултати“, напиша Зеленски