Трамп: Реизборот на Бајден може да доведе до трета светска војна
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска изјави дека реизборот на актуелниот американски лидер Џо Бајден може да заврши лошо, можеби дури и со трета светска војна, истовремено изразувајќи го своето уверување дека Бајден нема да добие уште еден мандат.
„Мислам дека нешто лошо може да се случи. Оваа земја има проблеми, ќе завршиме со трета светска војна. Тие зборуваат за нуклеарно оружје, а ние имаме човек кој не разбира што се случува. Украина и Русија се борат и ние сме вовлечени во тоа. Тоа ќе биде катастрофа“, рече Трамп во интервју за ТВ каналот „Њузмакс“.
Трамп оцени дека „неуспешната надворешна политика на Бајден ги зголеми глобалните тензии и нуклеарните преговори“.
„Ја имате Кина со Тајван – тие никогаш не зборуваа вака кога јас бев претседател, бидејќи знаеја дека не можат така да зборуваат. Немаше шанси Украина и Русија да го прават тоа што го прават во моментов“, рече Трамп и додаде дека има добри односи со рускиот претседател Владимир Путин, кој, како што оцени, никогаш не би го направил тоа.
Според него, безусловното повлекување на американските војници од Авганистан ја покажало слабоста на Америка.
Мислам дека тоа беше најсрамниот момент во историјата на нашата земја и никој досега не видел нешто слично.
Трамп укажа на когнитивните тешкотии на Бајден и рече дека верува дека најстариот претседател во историјата нема да освои уште еден мандат на општите избори во 2024 година.
Тој рече дека му било тешко да поверува во кандидатурата на Бајден, критикувајќи го поради тоа што ја објавил преку видео, наместо да и се обрати на нацијата во живо.