Уапсена Весна Меденица, поранешна претседателка на Врховниот суд на Црна Гора

Поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица, е уапсена доцна синоќа на аеродромот во Подгорица, пренесоа црногорските медиуми повикувајќи се на полициски извори.

Медиумите наведуваат дека Меденица е во просториите на Центарот за безбедност во Подгорица и дека во текот на денот ќе биде на распит во обвинителството.

Претходните денови подгоричкиот портал „Либертаспрес“ објави низа текстови во кои нејзиниот син Милош се поврзува со шверц на цигари и дрога. Порталот се повика на податоците кои Европол ги доставил до црногорската полиција и обвинителство.

Според објавените транскрипти од комуникацијата на апликацијата „Скај“ што ги објави подгоричкиот портал, Меденица наводно знаела за незаконските активности на нејзиниот син додека била претседател на Врховниот суд.

Според истиот извор и објавените транскрипти, Милош Меденица напишал дека може да очекува заштита од својата мајка, а во декември минатата година ја напуштил Црна Гора.

Меденица 17 години беше на чело на Врховниот суд, до декември 2020 година, кога поднесе оставка на функцијата.

Полицијата и обвинителството засега не се огласија за апсење на Меденица.

 

 

Back to top button
Close