Убедлива победа на АфД во Саксонија Анхалт

Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) оствари убедлива победа на покраинските избори што се одржаа во неделата во Саксонија Анхалт, освојувајќи најмалку 44 проценти од гласовите според излезните анкети на двата јавни радиодифузни сервиси.
„Денес испишавме историја“, изјави видно задоволниот Улрих Зигмунд, 35-годишен носител на листата на антиимиграциската АфД во покраината Саксонија-Анхалт.
Сѐ уште е рано да се каже дали АфД ќе освои доволно гласови за апсолутно мнозинство што би ѝ овозможило за првпат самостојно да управува со една германска покраина.
Централнодесничарската ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц заврши на далечно второ место со околу 18,5 проценти од гласовите, според излезните анкети на АРД и ЗДФ.
Во зависност од конечните резултати, покраинскиот премиер од ЦДУ, Свен Шулце, ќе се обиде да формира нова повеќепартиска коалиција со која би се спречило доаѓањето на АфД на власт.
Сите големи германски партии досега го одржуваат таканаречениот „заштитен ѕид“ на несоработка со АфД, чие покраинско крило е класифицирано како „десноекстремистичко“ од страна на германската домашна разузнавачка служба.
Формирањето на првата покраинска влада предводена од АфД би претставувало шок за многумина во Германија, земја која со децении се обидува да се соочи со своето мрачно минато од Втората светска војна и Холокаустот и која досега успеваше да ги држи екстремистичките партии подалеку од власта.
Стравувањата од можноста за крајнодесничарска влада мобилизираа илјадници противници на АфД на протестен собир во саботата во Магдебург, главниот град на покраината. На транспарентите беа испишани пораки како „Животот е подобар без нацисти“.
„Многу сум загрижена“, изјави демонстрантката Лаура Залфелд за агенцијата АФП.
„Без оглед на резултатите, атмосферата ќе се промени. Симпатизерите на крајната десница ќе почнат многу поотворено да се појавуваат на улиците“, додаде таа.
Насмеано лице, радикална политичка агенда
Зигмунд, медиумски привлечниот водечки кандидат на АфД, има амбиции од Саксонија-Анхалт да започне политичка револуција што би ѝ донела национална победа на партијата на изборите во 2029 година.
За време на изборната кампања, Зигмунд, поранешен претприемач со препознатлива фризура и огромна поддршка на социјалните мрежи, беше опкружуван од воодушевени поддржувачи, од кои многумина носеа маици со неговиот лик.
Партијата успеа да ја искористи носталгијата по комунистичната Источна Германија, но и чувството на незадоволство поради трајниот јаз во богатството меѓу источниот и западниот дел на земјата, повеќе од три децении по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.
Во согласност со силното чувство на локална источногерманска гордост, Зигмунд често за време на кампањата користеше легендарен мотоцикл „Симсон“, со кој пристигна и на гласачкото место во својот роден град Тангерминде.
Првични резултати од изборите во Саксонија-Анхалт според излезните анкети
Иако често е претставуван како поприфатливото лице на АфД, неговите изборни ветувања беа исклучително радикални. Тој најави „офанзива за ремиграција и депортација“ на нерегуларните мигранти уште од првиот ден на евентуалното преземање на власта.
Анти-„воук“ агендата на партијата предвидува и замена на знамињата со виножито, симбол на ЛГБТК-заедницата, во државните училишта со германското национално знаме, како и измени во наставата по историја со помал акцент врз периодот на Третиот рајх.
За да се надомести недостигот на работна сила, АфД предлага враќање на германските иселеници од странство, како и воведување „бонуси за бебиња“ за семејствата, со цел да се запре демографското опаѓање во покраината со околу 2,1 милион жители.
Германскиот економски институт предупреди дека имиграциската политика на АфД би била „погубна“ за Саксонија-Анхалт, која во голема мера зависи од работници родени во странство, особено во здравствениот сектор.
Други експерти предупредуваат дека безбедносниот апарат на покраината, под власт на АфД, би можел да доведе до протекување чувствителни информации кон Русија, кои Москва би можела да ги искористи за дестабилизација на Германија.
Министерот за внатрешни работи на Тирингија, Георг Маер, во изјава за весникот „Ханделсблат“ рече дека Кремљ „не крие дека АфД е најважното средство за дестабилизација на Германија за Владимир Путин“.
Зголемен притисок врз канцеларот Мерц
Силната победа на АфД дополнително го зголемува притисокот врз германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој вети економски пресврт и построги мерки против нерегуларната миграција, но истовремено гледа како неговата партија заостанува зад АфД и во националните анкети.
Политикологот Волфганг Шредер од Универзитетот во Касел оцени дека по победата на АфД во Саксонија-Анхалт, „критичарите на Мерц ќе станат уште погласни, а повиците за подобро лидерство ќе биде невозможно да се игнорираат“.
Извор: dw.com/mk






