Ќучук: Во С Македонија има политички сили што ја влечат земјата кон други унии, за членството во ЕУ не смее да има различни гледишта
Во С Македонија има политички сили кои јасно стојат зад агендата на земјата да биде дел од Европската Унија, но има и други кои ја влечат земјата кон други унии или барем ја пренасочуваат земјата од патот кон ЕУ, вели лидерот на европските либерали (АЛДЕ), европратеник од Обнови ја Европа/ДПС и известувач за земјава во ЕП, Илхан Ќучук, во интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС.
Ќучук во интервјуто вели дека С Македонија несомнено чекори по тежок пат на консолидација околу важни теми поврзани со иднината на државата. Членството во НАТО, вели европратеникот, е голем успех, како за ЕУ така и за Бугарија и земјава, но како што додава, понатаму доаѓа поголемото прашање како земјата целосно ќе ја реализира својата надворешнополитичка аспирација, а таа поминува низ членството во ЕУ.
„Има политички сили кои јасно стојат зад агендата на земјата да биде дел од ЕУ, но има и други кои ја влечат земјата кон други унии или барем ја пренасочуваат земјата на патот кон ЕУ. И во самото македонско општество се водат овие разговори“,вели известувачот за С Македонија во Европскиот парламент.
Според него, треба да се разговара за социјална и економска политика, но на тема иднината на државата, за членството во ЕУ, не може да има различни гледишта.
„Треба да има национален консензус не само меѓу поединечни политички субјекти, туку и меѓу луѓето што креираат мислења“,рече европратеникот.
Во исто време Ќучук смета дека треба да се обрне внимание и на добрите примери во односите меѓу Бугарија и С Македонија, но, додава дека патот подобрување на односите мора да се оди пеш.
„Меѓу Бугарија и РСМ се случија многу добри работи поврзани со образованието – се збратимија универзитетите, се збратимија општините. Овој пат мора да се оди пеш. Да, разговорот е комплициран, заситен е со многу напнатост и многу емоции, но единствен начин е да разговараме меѓу себе, бидејќи ако светот е скршен, тој е скршен најмногу поради скршеноста на дијалогот. Ако го негираме дијалогот како начин да се надминат кризите и да се надминат слоевитите емоционални расположенија, нема пат напред. Бугарија и РСМ мора да најдат нови патишта по кои ќе одат двата народа“,вели европратеникот и известувач за напредокот на земјава во ЕП, Илхан Ќучук.