УЕФА отвори дисциплинска постапка против Мурињо, Рома и Севиља

Дисциплинското тело на УЕФА отвори постапката против тренерот на Рома, Жозе Мурињо, поради критики изречени на адреса на англискиот судија Ентони Тејлор по завршување на финалето во Лига Европа во кое италијанскиот тим загуби на пенали од Севиља на стадионот „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта.

Мурињо е обвинет за навреди и вербален напад на главниот судија, а тоа е само од низата обвинувања со кои се соочени двата клуба по тензичното финале во кое Тејлор покажа 13 жолти картони.

Португалскиот стратег го критикуваше англискиот судија и неговите помошници и на прес-конференцијата по натпреварот, а видео кое се појави на социјалните мрежи го покажува Мурињо како на паркингот пред стадионот гестикулира кон Тејлор, извикувајќи „срамота“.

Тејлор беше нападнат и од навивачи на Рома, кои на видео објавено на Твитер се гледа како на аеродромот во Будимпешта фрлаат столчиња и пластични чаши кон англиските судија.

УЕФА отвори дисциплинска постапка и против Рома и Севиља поради фрлање предмети од страна на нивните навивачи, користење пиротехнички средства и недолично однесување на членовите на двете екипи.

Рома ќе биде дополнително процесуирана и поради навивачки немири и уништување на инвентарот на стадионот во Будимпешта

Back to top button
Close