Украина тврди дека Русија населува луѓе од своите сиромашни региони на окупираните територии
Киев ја обвини Москва дека се обидува да го уништи украинскиот идентитет со населување Руси на окупираните територии во Украина.
Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малиар вчера изјави дека Москва иницирала големо преселување на луѓе од посиромашните и пооддалечените региони на Русија во Украина, главно во окупираниот источен регион Луганск. Таа рече и дека Русија ги депортира украинските граѓани и насилно ги преселува во Русија.
Таа на Телеграм напиша дека руските имигранти во окупираните делови на Украина добивале финансиска помош, дом и вработување, додека локалните жители биле депортирани. „Со тоа непријателот се обидува да ја уништи украинската државност и националниот идентитет на привремено окупираните украински територии“, рече таа и додаде: „Земјата агресор се обидува да влијае на промената на етничкиот состав на населението во областите окупирани од Русија“.
И Институтот за проучување на војната (ИСВ) денеска соопшти дека Москва најверојатно се обидува да ја продлабочи социјалната, политичката и економската интеграција на Русија на окупираната земја „со цел да ги искомплицира условите за реинтеграција на овие територии во Украина“.
ИСВ претходно ја опиша таквата кампања за депопулација и повторно населување како дел од „намерно етничко чистење“ што е кршење на Женевската конвенција за спречување и казнување на злосторството геноцид.