Украинка – жртва на војната: и без нога животот продолжува
Руслана Данилкина на 18-годишна возраст доброволно заминала на бојното поле. Во еден од нападите ја загубила ногата. Младата Украинка за ДВ раскажува како и покрај сѐ успева да има верба во животот и во своите соништа.
„Прво бев несреќна што воопшто преживеав. Беше многу тешко да се пригати ваквиот нов живот”, вели Руслана. Седнува на клупата во паркот, ги положува штаките покрај себе и продолжува: „Но, сфатив дека иако сега ми недостига нога, жива сум, можам да станам и да одам, до душа на штаки, но сепак”. Руслана секој ден шета низ Одеса. Животот во родниот град и дава сила која сега и е многу потребна, вели таа.
„Навистина сакав да одам на фронтот”
Пред една година Руслана Данилкина како доброволец замина на фронтот да ја брани Украина од руската инвазија. Тогаш имала 18 години. Не и паднало лесно да ја донесе таквата одлука. Во првите месеци од војната се двоумела бидејќи служењето војска и било непозната работа. „Најмногу ми беше страв затоа што не знаев во што се впуштам и колку долго ќе бидам отсутна од дома. Но, сакав да отидам, ова е моја земја и многу ја сакам. Мислев дека колку повеќе од настазмислуваат така, толку посилни ќе бидеме. Знаев дека не можам да направам чуда, но сакав нешто да сторам за да и помогнам на својата земја”, вели Руслана.
Пример и биле нејзините родители кои биле распоредени во Донбас уште во 2015 година во рамки на тогашната антитерористичка операција, насочена против т.н.„Народни републики Доњецк и Луганск” кои и натаму се под руска контрола. Кога започнала големата руска инвазија во Украина во 2022 година, тие повторно заминале во војната како доброволци.
Руслана се придружила на украинската војска во април 2022 година. На почетокот и била доверена обработка на податоците во Запорожје, но таа сакала да биде поблиску до фронтот. Барањето заради младоста и неискуството неколку пати и било одбивано, но на крајот и го одобриле и ја префрлиле во секторот комуникации. Руслана таму служела сѐ до денот што потпилно и го сменил животот.
„Не можев да верувам”
10. февруари 2023 година. Руслана и нејзините соборци се на борбена мисија во регионот Харсон. Одеднаш Русите отвориле оган и граната го погодила совозачкото седиште на кое седела таа. „Добро се сеќавам на моментот на експлозијата. Прво се наведнав и автоматски се фатив за коленото. Веднаш ми беше јасно што се случи, но не можев да верувам дека останав без нога. Ги прашував соборците што се случува, но тие ништо не ми зборуваа”, раскажува Руслана за кобниот ден.
Руслана преживеала благодарение на среќна случајност. Веднаш по нападот наишло санитетско возило и и била пружана прва помош и така спречено да искрвари. Ја одвеле во друго возило и така сфатила дека нигата и е отсечена. Ги затворила очите во шок и не ги отворала сѐ до болницата. Ја оперирале во градот Чернобаев. Докторите попусто се труделе да и ја спасат ногата.
Морале да и ја ампутираат над коленото. Истиот ден Руслана е префрлена во Миколаев, када останала уште три дена пред да ја префрлат во родниот град Одеса на лечење. Во болница со денови плачела, но потоа во еден момент одлучила дека сака да продолжи понатаму. Од тогаш семејството и е најголема поддршка. Пред сѐ нејзиниот брат Владислав и неговата сопруга Ангелина ја поддржуваат Руслана. Илјадници лица од цел свет секојдневно ја бодрат преку социјалните мрежи. На Инстаграм таа во моментов има преку 37 илјади следбеници.„Се сеќавам на првата операција во Одеса кога луѓето прв пат дознаа за мојата приказна. Кога потоа ме одведоа на одделот едноставно немав време да размислувам за ногата и дали ме боли или не. Постојано бев на телефон, многу луѓе ми праќаа пораки и тоа не престанало до денес”, раскажува Руслана.
Без лекови против фантомски болки
Желбата за живот на Руслана на многумина им дава сила. Но, младата воинка не се помирила веднаш со својата судбина. „Прво мислев дека се навикнав, но кога излегов да се прошетам и се вратив на одделението си мислев: ова не може да е вистина! Ова не ми се случува мене! Се сеќавам дека 3 или 4 недели по ампутацијата бев на прошетка кога брат ми ме сликаше. Се видов себе без нога. Мислам дека сѐуште не сум потполно свесна за тоа што се случи”, вели Руслана.
На прашањето како е сега, таа вели дека се чувствува многу подобро и физички и психичкк. Но, и два месеца по трагедијата ја мачат т.н.фантомски болки. „Одамна се откажав од инекции против болки, тоа беше моја лична желба бидејќи сакав да ја почувствувам ногата таква каква што е. Секако дека се вратија болките, но со текот на времето се намалуваа. Психолог ми помага и ми објаснува како да му ибјаснам на мојот мозок дека ногата ја нема”, објаснува таа и додава дека „затоа што мозокот ја памти ногата пред повредата и продолжува таму да праќа импулси. Така настанува оваа болка”.
Сега веќе прима само седативи. Сѐ до неодамна имала силни панични напади. Лековите и психотерапијата и помагаат чекор по чекор да го совлада тој проблем.
„Сакам повторно на лизгалиште”
Руслана имала вкупно пет операции. Во моментов е во санаториум и се подготвува за вештачка нога. Ногата и ја мерат секој ден за да утврдат дали и неколку месеци по ампутацијата се менува обемот на ногата што е важно заради изборот и монтажата на протезата. Исто така Руслана наскоро ќе почне со со вежби за обнова на мускулите кои атрофирале во последните два месеци. Украинката благодарение на донации добила модерна протеза од германско производство. Откако ќе се навикне на протезата сака да си ги исполни соништата и да си продолжи со својот живот. Меѓу другото, сака повторно да лизга на мраз. „Сонувам и за велосипед. Дури и ако ми фали една нога не значи дека не можам да ги живеам тие сништа”.
И покрај страдањето, Руслана сака да мотивира други воени инвалиди да не губат верба во животот: „Сакам на луѓето да им покажам дека сѐ е можно и дека не мора да седат дома и да се кријат. Ако нешто ви се случи, тоа е застрашувачко и болно, но животот продолжува. Мора да го живееш.