Украинската прва дама во Британија: Сексуалното насилство е дел од рускиот арсенал

Првата дама на Украина Олена Зеленска денеска на конференција во Лондон изјави дека „сексуалното насилство и злосторствата“ се дел од рускиот „арсенал“ со кој сакаат да ги „понижат Украинците“ и побара „меѓународен одговор“ во врска со тоа.

Сопругата на премиерот Риши Сунак, Акшата Мурти ја пречека Зеленска пред Даунинг стрит 10. На средбата меѓу сопругите на двајцата функционери накратко присуствуваше и премиерот Риши Сунак.

Зеленска се сретна и со британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, исто така на темата за спречување на сексуалното насилство во војната во Украина.

Правобранителство истражува повеќе од сто случаи на сексуално насилство за кои постои сомневање дека биле извршени од руски војници, истакна Зеленска, додавајќи дека ова е само „мал дел“ од големиот број такви случаи во украинскиот конфликт.

Таа потсети дека првиот случај за кој се води судска постапка е случајот со жена која била силувана од војници откако и го убиле сопругот.

По руската агресија на 24 февруари, „окупаторите имаа се повеќе можности да ги понижуваат Украинците и, за жал, сексуалното насилство и сексуалните злосторства се дел од нивниот арсенал“, посочи Зеленска.

Русија „систематски и отворено“ врши сексуално насилство, додаде таа.

Затоа е исклучително важно ова да се прогласи за воено злосторство за да можат агресорите да бидат кривично гонети, рече таа, повикувајќи на „меѓународен одговор“ за „спречување на сексуалното насилство во конфликтите“.

Конференцијата, која се одржува денеска и утре, ја организираше британската Влада заедно со претставници на околу 70 земји.

Навистина се надевам дека светот ќе одговори на она што се случува во Украина во овој час, нагласи сопругата на Володимир Зеленски.

Олена Зеленска оцени дека сексуалното насилство е „најсуров и дивјачки начин да се покаже надмоќ“.

„Сите знаат дека голем број силувања“ извршила руската армија во Украина, но Зеленска истакнува дека жртвите не зборуваат многу за тоа од страв дека нивните агресори ќе се вратат и ќе го повторат злосторството.

Владата формираше канцеларија за психолошка помош на воените жртви, рече Зеленска.

Шефот на британската дипломатија на Твитер ги пофали напорите на Зеленска за истакнување на „страшната употреба на сексуално насилство од страна на руските сили“.

Велика Британија ја поддржува Украина и сите оние кои ги преживеаја овие грозоморни злосторства, рече тој.

Во петокот, Клеверли, за време на неговата посета на Киев, најави нова пратка помош и „голема поддршка за жените жртви на силување извршени од руската војска“.

извор: Цивил

Back to top button
Close