Уште 25 милиони денари за жичницата на Водно, вкупно ќе чини 45 милиони

Жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст и натаму не работи, а Градот Скопје повторно одвои дополнителни средства за нејзина реконструкција. На денешната седница на Советот беше изгласана одлука со која, покрај претходно одобрените 20 милиони денари, се обезбедуваат уште 25 милиони денари.
Со тоа, вкупната сума наменета за реконструкција на жичницата достигна 45 милиони денари.
Во образложението на одлуката се наведува дека дополнителните средства се потребни за создавање услови за реализација на активностите за реконструкција, унапредување на техничката и функционалната состојба на жичницата, како и зголемување на безбедноста и сигурноста при нејзиното користење.
Жичницата не работи веќе неколку месеци, откако градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека никогаш не била соодветно сервисирана и дека не е безбедна за користење.
Одлуката предизвика реакции кај советниците од Левица, кои посочија дека нема да ја поддржат, бидејќи претходно веќе биле одобрени 20 милиони денари, а сега сумата се зголемува за повеќе од двојно. Тие забележаа и дека сè уште не е избран сервисер и дека работите не се започнати.
Од советничкото мнозинство, пак, појаснија дека сервисирањето може да го изврши само фирмата што ја изградила жичницата. Тие посочија дека Градот треба финансиски да му помогне на ЈСП „Скопје“, кое стопанисува со жичницата, поради финансиската состојба на претпријатието.
На седницата не беше даден одговор зошто реконструкцијата и сервисирањето на жичницата сè уште не започнале, иако за таа намена досега се издвоени вкупно 45 милиони денари.






