Уште 26 повредени заминуваат на лекување во странство

Неизвесна е здравствена состојба на најголем дел од повредените во пожарот во Кочани кои се лекуваат во болниците во земјава и во странство. До сега официјално е потврдена бројката од 59 загинати. Министерот за здравство Арбер Таравари информираше дека уште 26 настрадани заминуваат на лекување во Словенија, Хрватска, Австрија и Србија. Вчера во болници во странство заминаа околу 20 повредени.

Повредените кои се лекуваа на клиниките во Штип и Кочани се пренесени во Скопје. На клиниката Мајка тереза се сместени 49-мина, во ГОБ 8-ми септември 18, а во стара градска болница 17 пациенти. Министерот Таравари ќе замине за Софија и Солун каде се лекуваат најкритичните пациенти.

 

Најкритичните пациенти почнаа уште од вчера да се транспортираат на лекување во странство. Од пациентите што се на лекување во странство, 9 се во Турција (3 во Истанбул, 6 во Анкара), 14 во Бугарија, 5 во Грција, 17 во Србија, 2 во Унгарија, 4-рица во Литванија. Се очекува за Белград да заминат уште 12 пациенти.

Состојбата на 14-те пациенти хоспитализирани во болници во Бугарија останува неизвесна, а петмина од нив се интубирани, соопшти бугарското Министерство за здравство. Повредените се со изгореници и оштетувања од вдишување жешки гасови. Во болницата „Пирогов“ во Софија примени се осум пациенти, меѓу кои тројца малолетници. Петмина од нив се на механичка вентилација. Во Варна, во Воено-медицинската академија, се лекуваат тројца пациенти на возраст од 15, 17 и 20 години, од кои двајца се на респиратор.

И во Србија се примени 12 млади луѓе на возраст од 18 до 27 години. Меѓу најтешко повредените е 18-годишна девојка, која е со изгореници на 24 проценти од нејзината кожа. Дополнително, двајца пациенти се транспортирани од Скопје во Воената болница во Ниш и Клиничкиот центар во Ниш за понатамошно лекување.На помош на македонските лекари пристигнаа 15 специјалисти од Србија и Чешка, а се очекува, во лекувањето на повредените да пристигнат доктори и од Израел.

Министерот Таравари и директорот на Фондот за здравство ги повикаа сите оние кои биле во дискотеката и не се повредени сепак да се јават на лекар поради можни вдишувачки изгореници.

Back to top button
Close