„Вашингтон пост“: Илјадници ситни инвеститори загубиле милиони долари од новата криптовалута $TRUMP
Повеќе од 67.000 нови или мали инвеститори загубиле милиони долари откако од јануари до сега вложиле во $TRUMP, криптовалутата на американскиот претседател Доналд Трамп, се дознава од анализа на „Вашингтон пост“.
Иако некои луѓе блиски до Трамп профитирале од овој проект од прадажба и провизии, 80 отсто од купувачите на криптото кои инвестирале вкупно 15 милиони долари со трансакции на платформата MoonPay, изгубиле поголем дел од вложеното. Типичен инвеститор потрошил околу 100 долари, а сега тие вредат 38 долари. Најмногу добиле оние што купиле во првите два дена, кога цената била 18 центи, потоа вредноста скокнала до 75 долари, но сега е падната на околу 11 долари.
Според анализата, деветмина инвеститори вложиле по над 10.000 долари и досега загубиле повеќе од 6.000, додека 58 посебни адреси оствариле профит од над 10 милиони долари секоја. Трите крипто-паричници поврзани со Трамп заработиле 43 милиони долари само од провизии за трансакции и реализирале уште 312 милиони долари преку продажба на монети.
Сенаторот Џеф Меркли, демократ од Орегон, го осуди проектот како „тешка корупција“, а сенаторот Адам Шиф, демократ од Калифорнија, изјави дека станува збор за „најотворен вид на политички поткуп“. Белата куќа соопшти дека Трамп нема конфликт на интереси бидејќи неговиот имот е во траст, но тој во интервју за „Ен-би-си“ изјави дека не е запозат со деталите на криптопроектот.
Криптомонетата $TRUMP е во сопственост на семејниот бизнис на Трамп и компанијата Fight Fight Fight, кои држат 80 отсто од монетите. Кон крајот на мај, Трамп организира гала-вечера за 220-те најголеми сопственици на $TRUMP, додека компанијата Freight Technologies објави дека планира да купи $20 милиони од монетата како поддршка на трговските политики на Трамп.