(ВИДЕО) 360° Зошто МВР токму синоќа и во Чаир реши да тренира строгост?

Овие снимки се од вчерашниот прилог на ТВ Телма објавен околу 16 часот, во кој може да се види како граѓани во Чаир слободно пазарат во полициски час, во непосредна близина на полициски пункт. Полицајците ги контролираат возилата, без да обрнат внимание на прекршувањето на полицискиот час во околината.

Неколку часа подоцна, ТВ Алсат а потоа и други медиуми, јавија дека на територија на општината има полициска акција во која се апсат лица кои го кршат полицискиот час. Доцна вечерта МВР соопшти дека станува збор за редовни контроли во кои се приведени 15 лица кои не ја почитувале забраната за движење.

„МВР продолжува со интензивни контроли на територијата на целата држава со цел санкционирање на непочитувањето на мерките за справување со ковид-19. Апелираме граѓаните да ги почитуваат овие мерки и заеднички да придонесеме во спречување на ширењето на коронавирусот“,

соопшти МВР.

Денеска „360 степени“ ги посети шесте улици во кои постапуваше полицијата синоќа меѓу 19 и 20 часот. Жителите со кои разговаравме не знаеја дека не станува збор за полициска акција, туку за постапување по пријава на граѓани, како што тврди МВР.

Во „Вуковарска“ нашиот соговорник кажа дека не видел луѓе по улиците, но забележал неколку полициски возила.

„Полиција секоја вечер има. Тоа е нивна работа – да бидат присутни и секој момент да се движат горе-доле. Ако не се тие, фактички, нема да се почитува тоа. 

– А видовте ли ваши соседи да се движат по улици?

Не. Соседи немаше. Ти зборувам за овој крај. За понатаму не знам“, 

вели жител на Општина Чаир.

На неколку блокови оттука е улицата „Методија Митевски“. Жителите од ова соседство имаат каде да го поминуваат слободното време, кога не е забрането движењето. Неколкумина, главно млади луѓе, и покрај полицискиот час, решиле да се дружат надвор.

„За приведување не видов никого, ама сирени имаше колку сакаш. А што треба да се придржуваме на оваа епидемија – треба. 

– Дали се почитуваше полицискиот час или имаше луѓе по улици?

Имаше тек-тук, по некој. Инаку, добро беше“, 

вели жител на Општина Чаир.

Полицијата со контролите продолжила и на соседната улица – „Лазар Трповски“.

„На знам. Галама било. Да ги малтретирале – не ги малтретирале. Само во возила ги внесувале. Тоа знам, друго не знам.

– А зошто? Се почитуваше ли полицискиот час викендов?

Тие младите намерно прават некоја далавера, провоцираат вака-така“,

вели жител на Општина Чаир.

Началникот на СВР Скопје, Ристо Ставревски, поставен на оваа позиција од техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, вели дека приведените по завршувањето на процедурата во полициска станица биле ослободени.

Според полициската статистика, 15-те приведени во Чаир се дел од вкупно 180 лица кои само вчера биле лишени од слобода поради кршење на полицискиот час. Во саботата, пак, бројот на приведени изнесувал 130 лица.

Бројките значат и дека споредено со претходните карантински викенди, полицијата сега приведувала повеќе. За Велигден, на пример, на 20 април имало 89, а на 18 април – 67 приведени.

На прашањето зошто токму сега полицијата се реши на ваков потег иако и претходно имаше очигледни прекршувања на мерките, Ставревски тврди дека костантно постапуваат со исти сили и ист интензитет.

„Овој пат можеби е поразлично и ако за јавноста е позабележително полициското присуство по улиците е затоа што имаме засилување, односно дополнителни 10 тимови од Единицата за брзо распоредување кои се распределени на подрачје на СВР Скопје, но и претходниот пат и сега полицијата максимално работи, но не може да биде редар и чувар доколку свеста кај граѓаните не биде на повисоко ниво“,

вели Ристо Ставревски – началник на СВР Скопје.

Настанот во Чаир предизвика и директни и индиректни реакции на социјалните мрежи. Новинарката Менче Атанасова – Точи повика да не се стигматизираат само одредени скопски населби и притоа сподели фотографии од прекршување на полицискиот час во нејзината општина – Аеродром.

На социјалните мрежи има фотографии и снимки дека има и други населби, на пример Аеродром, каде што исто така мерките не се почитувале но таму ваква акција немаше.

„Секаде каде што ќе добиеме дојава или информација или одредена наша патролна служба ќе забележи групирање на луѓе или лица кои не ја почитуваат мерката забрана за движење ќе се постапи доколку полициската патрола на лице место забележи дека има потреба од засилени тимови заради зголемен број на лица и е потребно помош на лице место ќе упатиме онолку полициски сили колку што е потребно за да се соочат на лице место односно да интервенираат и да постапуваат. Знаете во јавноста можеби таква слика се создава заради тоа што камерите повеќе се насочени кон тоа подрачје и критиките што доаѓаат до нас дека не постапуваме се баш за тоа подрачје. Но не би се согласил со таа констатација дека само таму нѐ има и дека само таму постапуваме. Напротив, постапуваме секаде подеднакво на целото подрачје каде што сме задолжени“,

вели Ристо Ставревски – началник на СВР Скопје.

За пријавите и приведувањата поради кршење на полицискиот час денеска зборуваше и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Од четвртокот вечерта, кога почна забраната за движење, речиси половина од прекршувањата биле во Скопје.

Вкупно, на територијата на целата земја, констатирани се близу 5 400 прекршување на полицискиот час од неговото воведување.

Извор: 360 Степени

Back to top button
Close