ВИДЕО: Акција на Интерпол во 77 држави против криминал со моторни возила, во Македонија запленети 10 возила
Министерството за внатрешни работи во соработка со Царинската управа, Јавното обвинителство, Пазарната инспекција и Управата за јавни приходи, во тесна координација со Генералниот секретаријат на Интерпол, учествуваше во глобална операција против криминал со моторни возила, координирана од Генералниот секретаријат на Интерпол.
Операцијата беше спроведена во 77 држави, при што во овие држави откриени се 1.121 украден автомобил и 64 мотоцикли. На територијата на Република Северна Македонија за време на акцијата беа извршени 1.540 проверки на лица и 1.467 моторни возила. Одземени се 10 возила и еден мотоцикл под сомнение за фалсификат.
Апелираме до граѓаните да внимаваат при купување на половни моторни возила и увоз од странство, особено на веродостојноста на документите и потеклото на возилото согласно законодавството во државата од каде се увезува.