ВИДЕО | Андоновиќ: Блокадата на посетата на Лавров е спас за Србија?

Денеска е 103 ден од почетокот на руската воена инвазија врз Украина. Борбите се концентрирани претежно во донбаскиот регион каде двете страни водат жестоки копнени битки за заземање на населените места во овие две области. Луганскиот регион според извештаите е околу 90 проценти под руска контрола, додека во регионот на Доњецк засега украинските сили успеваат да го одбранат од налетот на руската воена машинерија.

Продолжуваат и ракетирањата на депоата со оружје пред се околу престолнината Киев, каде според руските разузнавачки информации се чува новото оружје кое западните НАТО држави и го доставуваат на Украина со цел да се справи со руските воени сили. Москва најави дека западот ќе се соочи со жестоки последици доколку и испорача на Украина ракети со долг дострел. Како одговор на овие закани Велика Британија најави дека за првпат испраќа ракети со долг дострел наменети за украинската армија.

Британскиот ракетен систем со повеќекратно лансирање може да истрела 12 проектили за една минута и може да погоди цели во опсег од 80 километри со голема прецизност – многу подалеку од артилеријата што Украина моментално ја поседува.

Паралелно со борбите и воените надмудрувања, продолжува и дипломатската битка на Москва и остатокот од светот. Овој пат тоа се прекршува на Балканот пред се врз грбот на Белград. Имено рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров требаше денеска да пристигне во Белград на разговори со српските власти. Состојбата се искомплицира откако во Белград треба според најавите да пристигне и германскиот канцалар Олаф Шолц кој во моментов е во Приштина. Лавров треба да пристигне во Белград од Бања Лука каде со тамошниот лидер на босанските Срби Милорад Додик ја утврдуваше сојузничката позиција и соработката на српскиот босански ентитет со Русија. Во услови кога Москва е обвинета за војна и убиства, а нејзините политички лидери, меѓу кои и Лавров одговорни и се под западни санкции, ризична беше согласноста на Белград да го угости шефот на руската дипломатија.

Ризикот се зголеми откако и германскиот канцалар најави посета на Белград што ја искомплицира српската политка за седење на две столчиња. Шолц никако не може да дојде во Белград, откако Лавров веќе бил на разговори, бидејќи европската јавност ќе го обвини дека оди на места каде претходно посета правеле, според ЕУ , обвинетите за разурнувањата и убиствата во Украина.

Белград и српскиот претседател Вучиќ сега се во позиција да одлучуваат на кого да му дадат гостопримство. Шолц или Лавров?

Србија засега не очекува сериозно да настрада при каков било исход на раскрсницата на патиштата Лавров и Шолц. Поминаа повеќе од 100 дена од почетокот на руската агресија врз Украина, а Белград се` уште не ја усогласува својата надворешна политика со ЕУ.

Од друга страна, иако во ОН во неколку случаи Србија гласаше против Русија, рускиот претседател Владимир Путин разговараше со Вучиќ на 29 мај и се согласи на нов тригодишен договор за снабдување на Србија со гас по повластени цени, кои според Вучиќ се 10 до 12 пати помалку отколку во Европа.

И покрај тоа што Вучиќ во неколку наврати отворено потврди дека ќе продолжи да ја води Србија кон ЕУ бидејќи тоа е во економски интерес, објавувајќи податоци кои не и се толку познати на пошироката јавност во Србија дека повеќе од две третини од вкулното тргување е со ЕУ.

Но потегот на српските соседи да не му дадат прелет на авионот на Лавров кон Белград можеби ќе и помогне на Србија да се извлече од последиците на политката седење на две столчиња. Исходот од сето ова е се` уште неизвсен, а според најавите, српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва, преку државната РТС ќе се обрати и ќе објасни што точно е одлучено и кој ќе биде угостен во Белград.

Back to top button
Close