(Видео) Апасиев кон Панче: Џандарот над џандарите, додека бил адвокат, криел консалтинг фирма и ја префрлил на криминалец
Образложувајќи ја интерпелацијата, Апасиев рече дека Тошковски е типичен пример за политички опортунизам и кадар изграден во структурите на ВМРО-ДПМНЕ, чија кариера напредувала благодарение на партиски врски и влијанија.

Најострите критики, сепак, беа насочени кон неговата адвокатска и бизнис кариера пред да стане министер. Според Апасиев, Тошковски бил фаворизиран адвокат на функционери и структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ, застапувајќи високи партиски функционери и лица обвинети во предмети на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Апасиев оцени дека Тошковски, кој повеќе од две години е на чело на Министерството за внатрешни работи, наместо да воведе ред во институцијата, ја претворил во „фамилијарна тезга“ во која роднини и блиски лица добивале унапредувања и привилегии.
„Во СВР Велес првите братучеди си ги унапредивте, баџанакот стана доцент на Факултетот за безбедност, а најдобрите студенти остануваат без шанса. После се чудите зошто младите бегаат од државата“, рече Апасиев.
Лидерот на Левица отвори и прашања околу професионалната кариера и имотната состојба на министерот, посочувајќи дека Тошковски како адвокат бил поврзуван со контроверзни бизнисмени, градежни проекти и фирми кои работеле спротивно на законските ограничувања за адвокатската професија.
Во продолжение, Апасиев изнесе обвинувања дека министерот додека бил адвокат истовремено бил поврзан со консултантска фирма, што според него претставува прекршување на Законот за адвокатура и адвокатскиот етички кодекс.
„Како може министер за ред и безбедност, џандарот над џандарите, фирмата да ја префрли токму на човек кој бил обвинет во случај за перење пари? Тоа отвора сериозни сомнежи за начинот на кој функционира човекот што денес ја води полицијата“, рече Апасиев.
Посебен акцент во говорот беше ставен на трагедијата во Кочани, за која Апасиев оцени дека Тошковски не понел ниту морална, ниту политичка одговорност.
„По најголемата трагедија во Македонија во последните децении не видовме ниту оставка, ниту преземање одговорност. Цело време слушавме дека МВР не било виновно, а денес имаме осудени полицајци поврзани со случајот“, изјави тој.
Апасиев го обвини министерот и за толерирање на корупцијата и криминалот во полициските редови, посочувајќи дека во последните години стотици полицајци биле предмет на кривични постапки.
Според него, наместо да ја зајакне полицијата, Тошковски дозволил огромен дел од безбедносните услуги во државата да ги преземат приватни агенции за обезбедување.
„Имаме над 12.000 вработени во МВР, а училиштата, градинките, болниците, музеите и државните институции ги чуваат приватни агенции. Над 300 милиони евра завршиле кај приватното обезбедување, додека полицајците работат со недоволна опрема и ресурси“, рече Апасиев.
Во завршницата од говорот, Апасиев го обвини министерот за селективна правда и различен пристап кон слични случаи. Како примери ги наведе реакциите на МВР во случајот со градоначалничката на Скопје, протестите во различни делови од државата, како и постапувањето кон активисти и политички противници. Посебно го потенцираше случајот со Кирил Михаилов, за кој рече дека институциите не реагирале и покрај јавно изнесени сериозни обвинувања.
„Јавно се објавуваат повици за силување на наша советничка во Град Скопје, а институциите молчат. Тука ја гледаме селективноста на МВР“, рече Апасиев.
Завршувајќи го излагањето, лидерот на Левица оцени дека Тошковски не успеал да воспостави професионален систем во МВР и дека институцијата повторно е претворена во партиски инструмент, поради што, како што рече, интерпелацијата е целосно оправдана.






