(ВИДЕО) Бев да берам дренки и кога седнав да одморам одеднаш излезе пред мене и ме турна, сведочи 76-годишникот кој беше нападнат од мечка

Излегов да берам дренки и кога по пат седнав да се одморам од нигде никаде пред мене излезе мечката, сведочи 76-годишниот Минче Рамчески од селото Пласница, за кого ЦУК објави дека вчера бил нападнат од мечка.

Во разговор со директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, мажот раскажува како бил нападнат од мечката откако рано утрината околку 8:30 часот излегол од дома и тргнал да бере дренки.

„Полека со стапчето појдов и стигнав до Горно село, тоа старо село е. Тука барав дренки, најдов по некоја и седнав на патот. Го оставив стапчето и запалив цигара. Така си седев кога одеднаш, не знам како се најде тука, одеднаш пред мене се појави мечката. Ме турна, ме легна долу и јас само се фатив вака, се пазев. Сакав да ѝ дадам отпор ама не можев, што да правам. Се исплашив многу“ вели 76-годишникот што вчера беше нападнат од мечка.

Откакоо го легнала на земја, мечката со заби го фатила за левата слабина, го држела кратко, а потоа избегала.

„Кога ме турна почнав да викам ‘помош, помош, помош’. Не ме држеше многу, не поминаа три секунди и веднаш си замина. Бев многу исплашен, ми течеше крв. Така останав здрвен некое време, па се освестив“ вели човекот.

Додава дека потоа телефонски побарал негов соселанец кој, пак, веднаш дошол на местото за да му помогне.

Во разговорот со директорот на ЦУК, 76-годишниот жител на селото Пласница вели дека досега никогаш не видел мечка во неговото село. По нападот од дивото животно, вели дека е многу исплашен.

„Државата треба да има право на отстрел на мечките кои напаѓаат“ додава 76-годишникот.

Селата Пласница и Ораоец, на чиј потег беше нападнат 76-годишникот, се оддалечени на околу 70 километри од Националниот парк „Маврово“ од каде што мечките во последно време почнаа зачестено да се симнуваат во населените места во потрага по храна.

На крајот на септември годинава општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на општината поради зголемено присуство на мечки на овие простори и опасноста којашто тие ја имаат по локалното население.

Back to top button
Close