(ВИДЕО) Извоз на опожарено дрво зад димот во шумите

Македонија втора година по ред има најголема површина под пожари во шуми и шумски предели во споредба со другите земји од Западен Балкан. По пожар ЈП „Национални шуми“ издава дозволи за сеча, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дозволи за извоз. Колкави количини на техничко и огревно дрво се извезувало од Македонија во минативе години, кој го правел тоа и кон кои земји се правел извозот?

Македонското дрво се извезувало на Балканот, во Западна Европа, но и во Јапонија и Кина. Од западноевропските држави како купувачи се јавиваат Италија, Белгија, Австрија, Словенија и Хрватска. Во анализата на извозот на дрво од Македонија користевме податоци од македонскиот Државен завод за статистика и ЕУРОСТАТ. Оваа институција ги добива податоците од бугарската Царина.

Најголем извоз во соседството

Од Македонија во периодот од 2019 до крајот на ноември 2024 година е извезена дрвна маса во вкупна количина од 7.658.581 килограми. Во тие години е извезено дрво по вкупна цена од 1.185.817 евра.

Најголемиот извоз бил направен во 2023 година, кога преку македонската граница заминале 3.337.302 килограми необработено дрво, струганици или огревно дрво во вкупна вредност од 253.696 евра. Од овие количини, 2.307.815 килограми биле извезени кон Косово за вкупна сума од 102.214 евра. Кон Албанија во истата година биле извезени 682.477 килограми дрво за цена од 51.202 евра.

Косово е најголем купувач и во 2024 година. Од вкупниот извоз од 1.744.361 килограми македонско дрво, кон Косово биле извезени 1.558.521 килограми за скоро половина цена, или 51.620 евра, од вкупната продажба изразена во 105.020 евра.

Бугарија била најголем купувач на македонското техничко дрво во 2022 година, кога таму биле извезени 95.500 килограми за 8.724 евра. Македонскиот завод за статистика ги добива податоците од македонската царина и нема податоци за извоз на дрво од Македонија кон Бугарија во 2024 година. Истовремено, пак, ЕУРОСТАТ располага со податок од бугарската Царина за извезени 398.960 килограми бор, даб, бука и бреза од Македонија кон Бугарија од јануари до септември минатата година. За тоа биле платени 232.276 евра.

Разлики во извезените количини и тие во дозволите на хартија

Количините, кои како податоци добиени од македонската Царина ги има Државниот завод за статистика, се многу поголеми од податоците за издадените дозволи за извоз на теничко и огревно дрво. Тие дозволи ги дава Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Количините во метри кубни помножени и со максимални можни тежини по метар кубен, даваат разлики од два до четири пати во количините на хартија и количините во статистиката.

Во периодот од 2019 до 2024 година се издале 64 одобренија за извоз, од кои 47 биле искористени. Во периодот од 2019 до 2024 година се јавуваат вкупно осум фирми извознички на техничко и огревно дрво од Македонија: „ДИТОЗО“ од село Дебарца; „ДЕГРАФ“ од село Горно Седларце, Боговиње; „ВЛАХИОТИС“ од Куманово; „ЛУКСОР ОПТИК“ од Скопје; „РАДИЧЕ ДИ ПИОПО“ од Кочани; „ГОЛДЕН БАГ РЕЦУЦЛИНГ“ од село Милетино, Брвеница; „АЦЕРИ 2006 дооел“ од село Смоларе; и „ЛЕА-ПРОМ“ од село Зубовце, Врапчиште.

Се извезувале ореови трупци, огревно дрво, но и опожарен црн бор. Него во 2022, 2023 и 2024 година го извезува фирмата „Голден Баг Рецуцлинг“ од селото Милетино во Брвеница. Во овие три години фирмата извезла 3.811,1 м3 опожарен црн бор, и дополнителни 210.400 килограми огревно дрво во 2024 година.

Фирма со сопственици во странство

Се работи за фирма основана со странски капитал пред 10 години, со првични сопственици во Швајцарија и Хрватска, која прави повеќе промени во структурата, за во 2021 година да бидат впишани двајца сопственици од Швајцарија. Како првични сопственици се јавуваат Сакип Емини со живеалиште во Загреб и Башким Зејнулаху со живеалиште во Биглен, Швајцарија. Со пребарување на интернет се наоѓаат информации дека лицето Зејнулаху во 2002 година одлучило да ја напушти Швајцарија за да почне бизнис во Косово, каде отворил бензинска пумпа, за потоа во 2008 година, со кредити од швајцарската влада, да почне бизнис со производство на дрвени пелети и брикети во Косово, како и со мелници за жито. Во 2015 година тој има и фабрика за хартиени кеси во Косово и основа капацитет за производство на брикети и пелети во Македонија.

„Во Швајцарија никогаш немаше да можам да започнам сопствен бизнис со моите ограничени финансиски средства“, вели во едно интервју за Албинфо.ат.

Во интервјуто од 20 Декември 2018 година, Зејнулаху е претставен како отселено лице од Швајцарија. Во македонскиот Централен регистар во тој период се води како жител на Швајцарија. На 23 Април 2021 година на негово место како сопственик се впишува Лаурент Зејнулаху, исто така со живеалиште во Биглен, Швајцарија. На 14 Октомври Башким Зејнулаху се враќа како сопственик на фирмата заедно со Лаурент Зејнулаху, а од сопствеништвото излегува Сакип Емини. Двајцата последни сопственици на фирмата се наведени како жители во Швајцарија. Во ниту една од годините во македонскиот Центален регистар не е наведена точната швајцарска адреса и стои само градот во кој овие лица живеат.

Кои фирми смееле да сечат во опожарените шуми?

Од ЈП „Национални шуми“ побаравме информација – кои се фирмите кои од оваа институција добиле договори за сечење на опожарена дрвна маса? Иако барањето беше за периодот од 2019 до 2024 година, ни беа дадени податоци почнувајќи од 2022 година и само за подружниците Берово, Пехчево и Делчево. Компанијата „Голден Баг Рецуцлинг“ се јавува само во една од тие години со договор за сечење на опожарено дрво. Во 2022 година вкупно 26 фирми добиле дозвола да исечат вкупно 136.858 м3 опожарена дрвна маса во наведените подружници. Една од тие компании е и „Голден Баг Рецуцлинг“. Во 2023 година е дозволено сечење на 94.332 м3 опожарено дрво во Берово, Пехчево и Делчево. Договори биле склучени со 17 фирми. Во минатата 2024 година договори добиле две фирми и смееле да исечат 1.538 м3 опожарено дрво во Делчево.

Покрај фирмата „Голден Баг Рецуцлинг“, сопственик со живеалиште во странство најдовме и во фирмата „Влахиотис“ од Куманово. Во делот за адреса на живеење во Централниот регистар е внесено само „Елатохори, Јоанина“ во Грција. Оваа фирма од 2020 до 2024 година има извезувано ореови трупци – вкупно 222,87 м3, и 16.120 килограми огревно дрво. Сопственик на фирмата е Христос Влахиотис. Кај оваа фирма регистрирана во 2007 година, нема промени во сопствеништвото, туку во дејностите: од „трговија на големо со дрва, градежен материјал и санитарија“, преку „пилење и стружење дрво“, до „искористување на шумите“.

Нема, но може да се внесе шифра за следење на извозот на опожарено дрво

При извозот на опожареното дрво не постои посебна шифра под која тоа се внесува и оттаму не може да се следат неговите извезени количини. Тоа се извезува под иста ставка како и огревното дрво, дрвен чипс, дрвен отпад, но и брикети и пелети.

„Сите стоки се класифицирани под меѓународна номенклатура за стоки на шестцифрено ниво. Земјата може да додаде одредени подкатегории за да ја набљудува трговијата во поспецифични категории на продукти“, објаснуваат од Светската царинска организација.

И во бугарската Царинска управа немаат посебна шифра за опожарено дрво. Но, имале во минатото.

„Тоа е тарифата на Европската Унија, односно ниту една држава-членка во Европската Унија нема таков код“, објаснува Иван Џустров, началник на Царинската управа во Благоевград.Него го прашавме дали имало некогаш разговори да се воведе посебен код за да се следи количината на извоз на опожарено дрво? „Па, тоа беше применувано многу одамна во Република Бугарија. Имаше времена забрана за извоз на опожарена дрвна маса. Но, тоа беше пред повеќе од 15-20 години“, објаснува Џустров. Натаму го прашавме зошто се направи таа забрана? „Па, затоа што сигурно имале некакви дилеми да го направат тоа, сметајќи дека била намерно запалена за да се изнесе“, објаснува Иван Џустров, началник на Царинската управа во Благоевград.

Иван Џустров бугарска царина

Бугарската царина нема утврдено суштински неправилности при увозот на дрво, иако грешки имало.

„Суштински неправилности не се откриени“, вели Џустров, кого го прашавме да објасни поконкретно. „Како да Ви кажам… Обично има технички грешки во декларациите, односно податоците во декларациите коишто ги поднесуваат не соодветствуваат на приложените документи и стоките“, објаснува Џустрови додава: „Кога ќе заврши контролата на документите, ако нема никакви индикации за ризик, стоката може да биде ослободена да ја напушти територијата на Европската Унија. А, ако се отркијат некакви индикатори на ризик, таа може да биде подложна на физичка контрола, вклучително и да се поканат експерти да го утврдат точното количество или видот на стоката“.

Индикациите за ризк биле ако нешто не соодветствува во документацијата или ако се добиени информации од други служби. Прашавме и во македонската Царина како се контролира извозот на дрво и опожарено дрво?

Царинската управа врз основа на анализа на ризик спроведува контроли и постконтроли, кои се вршат согласно утврден ризик“, стои во кратиот одговор од Царинската управа.

На прашањето како и каде се прават тие постконтроли телефонски ни беше одговорено дека тоа било познато во јавноста. Со пребарување на Интернет не најдовме таква информација.

Во ЕКСИМ-системот, којшто го користи Царината за евиденција на извозот, мерна единица за техничкото и огревно дрво е изразена во килограми, како што е и во Европа. Во Македонија количината во договорите, пак, се наведува во метри кубни. Извозот кон една земја не значи и крајна дестинација на македонското дрво, бидејќи оттаму со друго дрво може да биде продадено на друго место по друга цена.

(продолжува)

Извор: Нота

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработник: Станимир Вагленов

Изработката на овој текст, и на документарно-истражувачкиот филм „Шумите во пламен“, е поддржана од Journalismfund Europe.

Back to top button
Close