(ВИДЕО) Нури Беџети до Изет Меџити: Дали Курти бара да формирате заедница на албански општини во Северна Македонија?

По вчерашната средба на четворицата лидери на политички партии на Албанците од Северна Македонија со премиерот на Косово, Албин Курти, претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, гостуваше во дебатна емисија на косовската телевизија „Дукаѓини“. Универзитетиот професор од Тетово и поддржувач на Али Ахмети, Нури Беџети, кој исто така беше гостин во емисијата, стана среде дебата и го критикуваше Меџити затоа што не гласал за Талат Џафери да стане премиер.

„Зошто не гласавте за Талат Џафери, припадник на ОНА, командант, човек кој за првпат седнува во фотелјата како премиер Албанец? Барем како граѓанин, да бев јас, би гласал со раце и нозе, но не сум пратеник, тебе ти дал Господ. Како те држеше душата прво да не го гласаш, па после политички – нападни го, фатална грешка си направил“,вели Беџети.

Нури Беџети, кој самиот е поранешен припадник на ОНА и е на американската црна листа од 2001 година, го праша Изет Меџити и дали Албин Курти побарал од опозициските партии на Албанците во С Македонија да формираат заедница на општините што се раководени од Албанци.

Беџети: Господинот Курти сака да внесе радикални елементи и им порача да направат заедница на албански општини со сепаратистички тенденции.

Меџити: Господинот Курти не побарал такво нешто.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во синоќешното интервју за Радио-телевизија Косово (РТК) го повика Курти јасно да каже дали неговата партија Самоопределување ќе учествува на парламентарните избори во земјава, коментирајќи ја вчерашната средба на Арбен Таравари, Билал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити со премиерот и претседателот на парламентот на Косово.

„Нема ништо лошо во запознавањето, но она што го кажа (Изет) Меџити не се совпаѓа со изјавата на Курти што тој ја даде во Скопје, во која рече дека Самоопределување нема да учествува на овие избори. Ако има стратегија да се камуфлираат работите, не е добро, да ги кажеме работите отворено“,изјави Ахмети.

Повеќе за дебатата на ТВ „Дукаѓини“ во видеото во продолжение.

Back to top button
Close