(Видео) Обилни дождови направија хаос по улиците на Варна

Поројни дождови и силен ветер предизвикаа хаос во повеќе градови во Бугарија, а најпогодена е Варна, каде до попладневните часови биле пријавени речиси 100 случаи на штети, пренесува бугарскиот медиум „24 часа“.

Според локалните власти, најголем дел од пријавите се однесуваат на поплавени улици, подруми и деловни објекти, како и на неисправни семафори и затнати шахти. Во населбата Аспарухово се пријавени и паднати дрвја, кои дополнително го отежнале сообраќајот.

 

Снимките објавени од „24 часа“ покажуваат драматични сцени на улиците, каде граѓани се обидуваат да се движат низ надојдената вода, да ги извлечат своите автомобили од поплавените делови и да се справат со силните налети на ветер.

Од Општина Варна информираат дека сите пријави веднаш се проследуваат до надлежните служби, кои работат на расчистување на теренот и отстранување на последиците од невремето.

Невремето предизвикало проблеми и во самата општинска зграда, каде биле поплавени просториите на секторот „Граѓанска помош“, поради што службите интервенирале за санирање на штетите.

Обилните врнежи и силниот ветер не ја погодија само Варна. Во Бургас, исто така, наврнала голема количина дожд, проследена со силни ветрови, додека во Приморско невремето урнало два балкона од станбени објекти.

Бурата ги зафатила и туристичките места Китен и Лозенец, каде се пријавени поплавени улици, паднати дрвја и материјална штета. Надлежните служби и понатаму се на терен и ги повикуваат граѓаните да бидат внимателни и да избегнуваат движење низ критичните подрачја додека траат интервенциите.

Back to top button
Close