(ВИДЕО) Поплави во Хрватска, во Грција во 24 часа удриле 32 илјади грома
Од вчера во Хрватска, како и на поголемиот дел од Балканот, дојде до промена на времето. Облаците, дождот и грмежите, по долгиот топлотен бран, на некои места донесоа проблеми.
Заменик-градоначалничката на гратчето Глина, во централна Хрватска, Бранка Бакшиќ-Митиќ, на социјалните мрежи објави дека има улици што се под вода, а пожарникарите се на терен и се справуваат со последиците од невремето. Градоначалникот Иван Јанковиќ, пак, информираше дека на терен се сите служби на локалните претпријатија „Водовод“ и „Комуналец“, како и противпожарните служби.
Синоќа нешто по 22 часот силен дожд наврна и во гратчето Кутина, каде што некои улици беа претворени во реки, а пожарникарите беа повикани на неколку интервенции за испумпување вода од поплавените подруми. Но, ситуацијата брзо се нормализирала бидејќи дождот не траел долго.
Невремето синоќа стигна и до главниот град Загреб каде што имало силни врнежи и грмотевици, а особено драматично било во населбата Св. Клара. Поплавени се улици и повеќе куќи. Пожарникарите имале полни раце работа при испумпување вода од станбени згради.
Илјадници громови удрија во Грција
Во Грција, пак, се регистрирани речиси 32 000 удари од гром за 24 часа заклучно со синоќа, соопшти метеоролошката служба на Националната опсерваторија во Атина.
Од 31 828 удари, 3 906 се случиле на копно, додека 27 922 се случиле на море, главно вдолж северозападниот брег на земјата, пренесува „Катимерини“. Громовите на многу места биле придружени со обилни врнежи од дожд.
Обилни врнежи имало и во делови од Лариса, Кардица, Крф, Ахаја и Аркадија.