(ВИДЕО) Се извлекуваат преживеани од урнатините во Мјанмар, бројот на загинати се искачи на 1 700
Светските медиуми пренесуваат дека денеска имало последователни потреси кои ги исплашиле жителите во Мандалеј додека низ урнатите згради барале преживеани

Бројот на жртвите од земјотресот во Мјанмар продолжува да расте, додека странските спасувачки тимови и помошта се упатија во земјата во која болниците се преоптоварени, пишува Ројтерс.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, еден од најсилните во Мјанмар во изминатиот век, ја погоди во петокот југоисточната азиска земја разурната од војна. Во него загинаа околу 1 700 луѓе, 3 400 се повредени, а над 300 се исчезнати, соопштуваат од воената власт.
Шефот на хунтата, високиот генерал Мин Аунг Хлаинг, предупредува дека бројот на жртви може да се зголеми и оти неговата администрација се соочила со предизвикувачка ситуација, пренесуваат државните медиуми три дена откако тој упати повик за меѓународна помош.
Индија, Кина и Тајланд се меѓу соседите на Мјанмар кои испратија помошни материјали и тимови, заедно со помош и персонал од Малезија, Сингапур и Русија.
Претставниците на Црвениот крст предупредија дека Мјанмар се соочува со хуманитарна криза по разорниот земјотрес со јачина од 7,7 степени и додаваат дека она што моментално го гледаат во Мјанмар е ниво на уништување што не е забележано во Азија повеќе од сто години.
„Уништувањето беше големо, а хуманитарните потреби растат од час во час. Со зголемувањето на температурите и приближувањето на сезоната на монсуните, за само неколку недели, постои итна потреба да се стабилизираат погодените заедници пред да се појават секундарни кризи“,
се вели во соопштението на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
Оттаму упатија итен апел за собирање на 100 милиони швајцарски франци за да им се помогне на 100 илјади луѓе за спасување животи и поддршка за рано закрепнување во текот на следните 24 месеци.
Светските медиуми пренесуваат дека денеска имало последователни потреси кои ги исплашиле жителите во Мандалеј додека низ урнатите згради барале преживеани.
Денеска противпожарната служба на Мјанмар извести дека четири лица биле спасени од урната училишна зграда во регионот Сагаинг, додека едно тело било пронајдено на местото на несреќата.
Бремена жена била извлечена од урната станбена зграда во Мандалај, вториот по големина град во Мјанмар, но таа починала набрзо откако е спасена, објавија странските новинари.
Претходно спасувачките тимови од Сингапур и Мјанмар објавија дека еден млад човек денеска беше извлечен од урнатините на зграда во главниот град Најпидау.