ВИДЕО: Силно невреме ја погоди Словенија: Над 400 интервенции, ветерот корнеше покриви
Силно невреме проследено со урагански ветер, обилни врнежи од дожд и локална појава на град синоќа зафати делови од Словенија, предизвикувајќи стотици интервенции и материјална штета.

Според Центарот за известување при Управата за заштита и спасување на Словенија, низ земјата биле регистрирани повеќе од 400 интервенции поради невремето, кое предизвикало поплави, паднати дрвја и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Најголем број интервенции имале пожарникарите во регионот на Љубљана, каде што биле евидентирани 152 случаи, додека 102 интервенции биле извршени во Крањ и 39 во Целје. Во справувањето со последиците биле ангажирани 161 противпожарна единица, од кои седум професионални.
Најпогодени биле општините Коменда и Церкље во Горенскиот регион. Словенечкиот министер за земјоделство, Јанез Циглер Крал, објави снимки од значителните штети во селото Клањец.
Во делови од земјата и утрово имало прекини во снабдувањето со електрична енергија, вклучително и во поширокото подрачје на Љубљана. Во некои општини биле поплавени училишни и спортски објекти, додека пожарникарите продолжиле со расчистување на теренот и отстранување на паднатите дрвја.
Доброволните противпожарни друштва испумпувале вода од поплавените простории и им помагале на граѓаните да го заштитат својот имот и да спречат дополнителни штети.
Во Горенскиот регион, силниот ветер откорнал покриви од повеќе објекти, а поројните дождови предизвикале навлегување на вода во станбени и други згради.
објави Скопје1.мк






