Влада: По повод 8 Септември празнични манифестации, бесплатни културни настани и слободен влез во музеите, галериите и на локалитетите
На сите македонски граѓани и граѓанки на нашата држава им го честитаме државниот празник 8 Септември!
По повод Денот на независноста на нашата татковина, Министерството за култура се приклучи кон централната прослава под мотото „Гласник на слободата“ во организација на Владата на Република Северна Македонија.
Во чест на денешниот празник, културните установи, музеи, завод и музеи, археолошки локалитети се отворени за посета, со бесплатен влез од утринските часови.
Одбележувањето на 8 Септември, под слоганот „Отворен ден за граѓаните“, поминува со голема заинтересираност и посетеност, што претставува мост за сплотеност и обединетост, како одлична можност за културно и национално поврзување, преку ова празнично чествување. Ова чествување има едукативна димензија и придонесува кон поголема застапеност на културата и уметноста и развивање на естетските и културните навики, како нераскинлив дел од нашето секојдневие и општествено живеење.
На денешниот неработен ден, низ целата држава, граѓаните ги посетуваат музејските и галериските поставки во музеите, галериските салони и археолошките локалитети, сите културните установи и присуствуваат на културно-уметничките настани. Исто така, пригодната празнична програма содржи концерти на млади уметници и оперски арии, театарска претстава, изложба, проекција на наградувани филмови од македонската понова продукција.
Во чест на Денот на независноста, 8 Септември, Музејот на македонската борба за самостојност подготви посебна мултимедијална програма. Од 10 до 14 часот на повеќе локации во Музејот беа презентирани „Видеоприказни од музејската архива“, коишто, меѓу другото, вклучуваат музејски стории за седум исклучителни жени од македонската историја, меѓу кои и: Оливера Вера Јоциќ, Роса Плавева и Калипсо Налча; презентации на раритети од музејскитe збирки; автентични снимки од подготовките за Илинденското востание од 1900 година; Спомени од Првата светска војна, како и снимки од референдумот и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Посетителите имаат можност да ја разгледаат и привремената изложба „Темелник на државноста“, посветена на клучните настани во формирањето на државата – Илинден 1903, Илинден 1944 и прогласувањето на независноста во 1991 година.
Во оваа национална установа, на пладне, присутните уживаа во концертот на гудачкиот квартет „Луј“ од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје кој го сочинуваат младите музички уметници и на кој што беа изведени дела од Равел, Дворжак, Пјацола и други.
Театарот за деца и младинци, една од омилените институции во државава, по повод Денот на независноста, на пладне имаше свој настап кај Школка во Градскиот парк во Скопје и за својата верна публика ја изведе претставата „Лакомата меца“.
Во текот на денот без надомест се отворени археолошките локалитети „Стоби“, „Хераклеа“, „Баргала“, мегалитската опсерваторија „Кокино“, меморијалниот центар АСНОМ-Пелинце, потоа „Куќата на Робевци“ во Охрид, црквата „Свети Спас“ во Скопје, Музејот на отворено во Тумба Маџари во Скопје, Музејот за тутун и „Участакот“ во Прилеп, Турската пошта и Галеријата на икони во црквата „Свети Петнаесет Тивериополски маченици“ во Струмица, Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево, Спомен-куќата на Мајка Тереза, Археолошкиот музеј – Скопје, Музејот на македонската борба за самостојност, Музејот на Северна Македонија, Природнонаучниот музеј, Музејот на современа уметност, Националната галерија на Северна Македонија: Даут-пашиниот амам и Чифте амам, како и Уметничката галерија во Тетово.
Низ државава, во рамките на програмата „Отворен ден за граѓаните“, отворени се вратите и во музеите и во заводите вo: Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, во музеите во Струга, Куманово, Гевгелија, во Историскиот музеј во Крушево, Музејот на Западна Македонија во НОВ – Кичево, во Музејот на Тетовскиот крај, како и во Музејот на албанската азбука – Битола.
Во овие национални установи посетителите имаат можност да се запознаат со постојаните археолошки, етнолошки и историски поставки кои се наоѓаат во установите и кои претставуваат пресек на културниот и историскиот развој на овие региони.
Националната опера и балет, вечерва со почеток во 20 часот се приклучува во прославата со концерт на познати оперски арии, којшто ќе се одржи пред платото на институцијата.
Оперските солисти од Националната опера и балет пред публиката ќе изведат популарни арии од познати оперски дела од: Пучини, Маскањи, Чајковски, Гершвин, Бернштајн.
Ги покануваме граѓаните и во Кинотеката на Република Северна Македонија, да ги погледнат проекциите на двете успешни македонски филмски остварувања на автори од помладата генерација, кои ја одбележаа македонската понова продукција, филмови кои имаат позитивен прием кај критиката и многубројни награди.
По повод Денот на независноста, во Кинотеката во 18 часот ќе се прикаже еден од најтрофејните македонски документарни филмови, „Медена земја“, којшто се претстави на значајни европски фестивали и освои неколку награди, а филмот беше номиниран на 92. церемонија на Оскарите во категориите за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм. Во Кинотеката од 20 часот ќе се прикаже филмот „Исцелител“, кој е прв дебитантски долгометражен филм, во македонско-грчка копродукција и е добитник на десетици награди и признанија во светот.