Владата на Косово ќе ги поддржи и ќе им помогне на избраните градоначалници на северот, вели Курти

Косовскиот премиер Албин Курти денеска им честиташе на новоизбраните градоначалници на општините на северот на Косово со порака дека треба посветено да ги извршуваат своите должности и да им служат на граѓаните.

Честитката и пораките Курти ги упати преку објава на својот официјален фесјбук-профил. На почетокот на објавата тој го споменува моментот што изборите за градоначалници во четирите општини поминале без инциденти, при што им се заблагодари на Централната изборна комисија за организацијата, на косовската полиција за безбедноста и на граѓаните за поддршката.

За избраните градоначалници, Курти вели дека ја добијат поддршката и помошта од владата во Приштина.

„Владата ќе ги поддржи и ќе им помогне. Институционалниот систем и јавните служби ќе можат подобро да функционираат. За доброто на граѓаните и нивните права“напиша Курти на својот фејсбук-профил.

Пораката на Курти доаѓа еден ден по локалните избори кои вчера се одржаа во општините со мнозинско српско население – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Врз основа на прелиминарните резултати на Централната изборна комисија, кандидатите на движењето Самоопределување, Ерден Атиќ и Љуљзим Хетеми победија во Северна Митровица, односно во Лепосавиќ.

Измир Зеќири, кандидат на Демократската партија на Косово, ќе биде нов градоначалник на Зубин Поток, а неговиот сопартиец Илир Пеци ќе биде прв човек на Звечан.

Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, ги бојкотираше овие избори, на кои излегоа околу 1 500 гласачи од над 40 000 со право на глас.

На локалните избори на северот на Косово гласале 1 567 гласачи

Во меѓувреме, потпретседателот на Српска листа, Милан Радоичиќ, изјави дека српскиот народ никогаш нема да дозволи општините на север да бидат управувани од оние со еден или два отсто од гласовите.

Тој во име на Српска листа им се заблагодари на припадниците на српската заедница од северот што ги бојкотираа изборите и го докажаа „патриотизмот, достоинството, честа и единството“.

Бојкотот на локалните избори на северот на Косово го поддржа и официјален Белград.

На ова денеска се осврна и косовскиот премиер, кој вели дека атмосферата пред изборите била застрашувачка и уценувачка, и затоа излезеноста била мала.

„Бојкотот беше наметнат со кампања на закани од страна на официјален Белград и неговите криминални алатки на север. Им благодарам на граѓаните за нивната храброст и смиреност“напиша Курти на Фејсбук.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Косово, по објавувањето на првите прелиминарни изборни резултати, изјави дека поддржува разновидна, инклузивна, мултиетничка демократија на Косово и изборите кои се негова основа.

Во соопштението од Амбасадата се посочува дека ќе ја продолжи соработката со сите релевантни страни за следните чекори и дека ја нагласува важноста од целосна имплементација на договорот од Охрид меѓу Косово и Србија за нормализација на односите.

Амбасада на САД: Локалните избори на северот на Косово се одржаа во согласност со Уставот и законите

Back to top button
Close