ВЛЕН: Барањето на ДУИ за предвремени избори има ист ефект со „гурабиите и кексите“ кои ги делеше Ахмети

Коалицијата ВЛЕН обвинува дека ДУИ едно зборува јавно, а друго прави зад завесите. „Ахмети во кампањата во мачо стил делеше “гурабии и кекси”, за после, кога го виде резултатот, да се понуди со четири министерства, без претседател на Собрание, за да влезе во Влада наместо ВЛЕН. Јавно се закануваа со „чизми на таванот”, а по налог на СДСМ на улиците апсеа невини Албанци само затоа што се осмелија да ја бранат вистината за модуларната болница“, стои во партиското соопштение.

Оттаму додаваат дека раководството на ДУИ директно работеле против интересите на Албанците.
„Само политички слепци не гледаат дека ако локалните и парламентарните избори се одржат заедно, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со над 60 пратеници. ДУИ не извлече никаква поука. Напротив, продолжува да ја зајакнува ВМРО-ДПМНЕ со лаги за наводна деалбанизација, плашејќи го сопствениот народ со празни приказни.

ДУИ денес личи на уплашен ученик кој ја заборавил домашната задача, трча од еден на друг крај барајќи спас, затоа што знае дека без контрола врз МВР и државните институции, тие се ништо! Но времето на уцени заврши! На фер и демократски избори, ВЛЕН нема само да ја избрише ДУИ од политичката мапа, туку конечно ќе ја испрати таму каде што одамна ѝ е местото, во политичката историја“, стои во политичкото соопштение.

Лидерот на Алијансата за Албанците, кој официјално се уште е дел од ВЛЕН, Арбен Таравари вчера имал средба со пратениците од неговите редови. По гласините дека двајца или тројца пратеници не се согласуваат со ставот на предводникот на едното крило на АА, тие остануваат обединети и го поддржуваат Таравари во која било одлука што ќе ја донесе.

„Кафе со пратениците на АА…“, објави Таравари.

Останатите тројца лидери на ВЛЕН побараа од премиерот Христијан Мицкоски да ги искористи следните денови за да го отстрани Таравари од Владата, бидејќи според нив, оној што ќе се приклучи на ДУИ, нема што да бара да биде дел од владеачкото мнозинство.

Back to top button
Close