ВМРО-ДПМНЕ: Приказната на СДСМ за францускиот предлог ќе заврши како таа за мигранти за пари

„Несудениот амбасадор и неуспешен градоначалник на Центар можеби посакува, но ниту ќе биде прифатен францускиот предлог, кој предавничкиот СДС слепо го прифати за ден повеќе да остане на власт, ниту ќе има отстапки од веќе утврдени позиции. На Македонија местото ѝ е во Европската Унија како рамноправна членка и почитуван рамноправен партнер, со зачувано национално достоинство и национални идентитетски обележја“, се вели во партиската реакција

Андреј Жерновски упорно ја турка темата и шири хистерија дека се водат тајни преговори за евроинтегративниот пат на државата, иако беше деменатиран од надлежните институции. Ова вечерва го соопштија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако членот на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Андреј Жерновски, во телевизиско гостување повтори дека изјавите на претставниците на Владата се доказ дека се водат тајни разговори за европскиот пат на државата и дека Владата се подготвува да го прифати францускиот предлог, кој две години го претставуваше како штетен за Македонија.

„Со секој изминат ден СДС и неговите челници сè повеќе и појасно се препознаваат и кажуваат дека тие се талогот во општеството што го труе народот со песимизам, дефитизам, со тези дека оваа држава нема да успее. И тоа го прават со цел да се убие надежта кај народот и таа малку што му останала по многубројните национални предавства и порази што му ги приредија токму тие како Андреј Жерновски кои 20 години се во политиката, а се без ниту еден работен стаж во реален сектор“ се вели во партиското соопштение.

Оттаму додаваат дека по неуспехот на приказната за мигранти за пари, како меур од сапуница ќе пукне и темата на СДСМ за наводно прифаќање на францускиот предлог.

„Ќе им остане само хистеријата и лагите. Како што лажеа дека државата само што не банкротира, ама еве ја две години власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија не само што не банкротита туку економски се консолидира, инвестира во капитални проекти, зголемува плати и пензии. Така лажат и за сè друго“ додаваат од владејачката партија.

Во реакцијата се наведува и дека Владата нема намера да го прифати францускиот предлог на начин на кој претходно тоа го сторил СДСМ.

„Несудениот амбасадор и неуспешен градоначалник на Центар можеби посакува, но ниту ќе биде прифатен францускиот предлог, кој предавничкиот СДС слепо го прифати за ден повеќе да остане на власт, ниту ќе има отстапки од веќе утврдени позиции. На Македонија местото ѝ е во Европската Унија како рамноправна членка и почитуван рамноправен партнер, со зачувано национално достоинство и национални идентитетски обележја“велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, залудни се обидите на луѓето во СДСМ да претстават дека сите се како нив и дека за власт и пари се подготвени за секакви отстапки предавства.

„Заедно со народот ваквите предавници во СДС, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги победи. Свежи се уште предавствата од СДС под раководство на Зоран Заев, кои се сега верни приврзаници на Филипче, како што е Жерновски, и тоа нема никогаш да се заборави“додаваат од партијата.

Жерновски вчера на прес-конференција пред владината зграда рече дека владата на Христијан Мицкоски подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог и дека за тоа веќе постојат јасни сигнали од Брисел, Берлин и од Париз.

Ваквиот план додаде дека е поврзан со она што последно го кажал министерот Муцунски – дека постои таен договор за започнување преговори со Европската Унија.

МНР ги отфрла обвинувањата на СДСМ: Нема ниту тајни преговори ниту отстапки од националните интереси

По обвинувањата на СДСМ, од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) соопштија дека институциите редовно и транспарентно комуницираат со земјите членки на ЕУ, меѓу кои и со Бугарија и со другите меѓународни партнери, но дека позицијата на Владата останува непроменета во однос на условите кои земјава ги добива на својот евроинтегративен пат.

Демантирајќи ги тврдењата на СДСМ за постоење тајни договори , од МНР посочија дека нема да има отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата, како и дека полноправното членство во Европската Унија останува стратегиска определба и крајна цел на Владата.

Back to top button
Close