Во Австрија животот сѐ потежок: Многу луѓе ставени пред избор – да згреат соба или да исперат алишта
„Австриската економија е една од најтешко погодените во Европската унија од почетокот на војната во Украина, а сè ќе се промени во 2025 година“, пишува австрискиот дневен весник Хојте (Heute), кој забележува дека во оваа земја на ЕУ „никогаш не било потешко да се живее“.
Многу работи одат на полошо, бидејќи се најавува нова експлозија на цените и поскапување на струјата, гасот, парното…, што особено ги загрижува Австријците. Се погласно се жалат во медиумите дека никогаш немале потежок живот. А се плашат и дека ова не е се, дека ги чека уште полоша реалност. Додека политичарите го уверуваат народот дека не е сè толку мрачно како што изгледа, австриските медиуми пишуваат дека ситуацијата е „критична“, и дека 1,5 милиони луѓе од деветмилионската популација на Австрија се „акутно погодени од сиромаштија“.
Дури 40 отсто од австриските граѓани веќе не можат да си дозволат да ги поправаат машините за перење, а наместо тоа мораат да бараат некој што ќе ги кредитира“, пишува австриски Хојте, а пренесува загрепски „Вечерњи лист“.
Со напомена дека е тажно што многумина треба да одлучат дали да перат алишта или да се стоплат. Некои пак да одлучат дали да јадат или да се стоплат. Загриженоста е зголемена поради најавената енергетска лавина која се заканува да ги преплави Австријците, а многумина од нив се прашуваат дали 2025 година воопшто ќе биде одржлива за нив. На сите им е јасно дека трошоците за енергија речиси секогаш се пренесуваат на крајниот потрошувач.
„Луѓето се плашат дека нема да можат да си ги платат сметките. Некои од нив веќе не можат мирно да спијат поради нивните грижи. Постари лица го исклучиле парното или грејат само една соба за да нивните трошоци се што е можно пониски“, изјави за медиумите Дорис Анзенгрубер, која раководи со социјалното советувалиште Каритас во Виена.
Поради растот на цените во угостителството, одењето во ресторан стана вистински луксуз што веќе не може секој во оваа алпска земја да си го дозволи.
Во текот на изминатите две години на висока инфлација, Австријците мораа да го затегнат ременот и да го бројат секое евро за да спречат нивните банкарски сметки да достигнат опасно ниски нивоа. Тие се бомбардирани со алармантни вести за експлозијата на цените на струјата, гасот и парното од 1 јануари 2025 година. Но и кирија, вода, собирање ѓубре, храна, гориво, транспорт, вињети, здравствено осигурување, осигурување на автомобили, данок на CO2, паркинг …
Дека се работи за „електричен удар“ потврдува и фактот што и покрај досегашното т.н владино „кочење“ на поскапувањето на струјата, просечното австриско домаќинство мораше да троши 435 евра повеќе за струја годишно отколку пред воведувањето на кочницата.
Ако се соберат сите горенаведени зголемувања на цените, Австријците ќе мора да сметаат на дополнителни трошоци од 1.003,70 евра во 2025 година. Сепак, тоа не е се. На ова треба да се додаде и поскапувањето на собирањето смет, водата и паркирањето и другите давачки за речиси шест проценти. Тоа значи дека домаќинството со две лица ќе треба да издвојува дополнителни 257 евра годишно од својот домашен буџет во 2025 година. А каде се другите поскапувања, храна, кирија…(Фокус)