Во Ерусалим уапсени петмина ултраортодоксни противници на регрутацијата
Израелската полиција денеска соопшти дека уапсила пет ултраортодоксни демонстранти на протестите во Ерусалим против задолжителната регрутација.
Стотици ултраортодоксни Евреи демонстрираа пред канцеларијата за регрутација, блокирајќи ги улиците и спречувајќи ги луѓето кои добиле регрутирање да се пријават.
Околу 3.000 ултраортодоксни добија повици да се пријават во последните недели, откако Врховниот суд едногласно и нареди на израелската Влада да започне со регрутирање на ултраортодоксните Евреи во армијата.
Целта на наредбата е да се укине системот што им дозволуваше на ултраортодоксните Евреи да избегнуваат задолжителна воена служба.
Повеќето Евреи, и мажи и жени, служат во војска од две до три години, а потоа се во резерва додека не наполнат 40 години.
Околу 1,3 милиони ултраортодоксни Евреи сочинуваат 13 отсто од населението на Израел и се против регрутирањето бидејќи сметаат дека посетувањето верски училишта е нивна најважна должност.
Тоа ослободување од регрутација одамна предизвика гнев кај секуларната јавност што се засили за време на актуелната војна меѓу Израел и Хамас откако израелската армија мобилизираше десетици илјади резервисти и соопшти дека и се потребни сите сили што може да ги обезбеди.
Во текот на војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас во Појасот Газа, загинаа 600 израелски војници.