Во Кичево одржан двојазичен концерт за деца под мотото „Музичко другарување”
По подолга пауза денсека во Кичево повторно имаше културен настан и тоа на платото од Центарот за култура „Кочо Рацин” , каде групата „Триангл“ одржа концерт за деца под мотото „Музичко другарување“ на албански и македонски јазик.
-Се обврзавме да се придржуваме кон уредбите за социјална дистанца. Затоа концертот се одржа на платото пред НУЦК „Кочо Рацин” каде на соодветно растојание беа поставени 30 столчиња, а актерите исто така немаа физички контакт и носеа проѕирни визири поради заштита. Но, сето тоа сценариски и режиски мислам е оправдано, изјави Мазлам Османи, директор на НУЦК „Кочо Рацин” во Кичево.
Концертот „Музичко другарување”, нагласи тој, е единствен во своето претставување поради уникатноста и специфичноста на изведба и употребата на двојазичност во презентација, бидеќи беше на албански и македонски јазик.
-Концертот беше едукативен, опфати актуелни теми за чување на здравјeто и бон-тон однесувањето, а притоа и интерактивен. Концепиран е со цел децата да можат да бидат вклучени во процесот на презентација, а не како во досегашните случаи на концерти тие да се само обични слушатели на одделни музички концерти, драмски претстави или музички работилници. Целта на овој проект беше да ги сублимира во еден проект сите преходно наведени проекти и воедно преку музиката да направи сплотување на публиката ,а јазикот да не претставува бариера, потенцира Османи.