Во магацин на Амазон во Германија 17 работници заразени од Ковид-19
Во магацин на „Амазон“ во Бад Харсфелд, во провинцијата Хесен во Германија, регистрирани се 17 работници заразени со вирусот Ковид-19, објави „Шпигел“.
Во последните неколку дена, пријавени се девет нови случаи на заразени со коронавирус. Од сите 17 лица, тројца се излекувани, а останатите 14 вработени и најмалку осум лица кои биле во контакт со нив се во карантин, пренесува весникот.
„Амазон“ соопшти дека соработува со локалните власти за да ги заштити вработените.
„Уште кон крајот на март беа преземени мерки, вклучително и чистење и дезинфекција на просториите, мерење на температурата пред влегување во зградата, индивидуална заштита (маски), средства за дезинфекција и други мерки за да се обезбеди растојание на работното место“, се наведува во соопштението од компанијата.
Од почетокот на пандемијата, регистрирани се и други случаи на заразени во филијали на „Амазон“ во Германија.