„Во моменти на криза секогаш сме успевале да се освестиме“

Независна и суверена. Тоа е славеничката синтагма што се повторува на секој Осми септември, од денот кога пред 31 година македонските граѓани референдумски се изјаснија дека сакаат да живеат во независна држава. За тоа што значи сувереност во еден глобализиран свет, разговаравме со првиот министер за надворешни работи во независна Македонија, Денко Малески.

ДВ: Во поширока смисла, сувереноста значи одговорност за своите постапки. Во економијата суверен е оној кој може да си ги плаќа сметките и да се потпира на своите ресурси и потенцијали. Каков е нашиот суверенитет?

-Од годините поминати во ОН ми остана во сеќавање и фактот дека претставниците на сиромашните земји од Африка и Азија, во своите говори, најчесто ја користеа фразата „мојата земја како суверена држава“. Богатите ретко, ако и воопшто, го нагласуваа овој факт. И кај нас во Македонија, неретко, политичарите знаат да се повикаат на нашиот суверенитет. Малку знаеме за поделбата на фактички суверени и правно суверени држави. Поделбата произлегува од огромна разлика меѓу државите кога се работи за легитимитетот на нивните политички институции, ефикасноста на нивниот владин и административен апарат, нивното економско богатство и продуктивност, нивниот меѓународен статус и нивното национално единство. Затоа и Русија може да биде голема сила ама слаба држава, а Данска да биде мала земја ама силна држава. Всушност, повеќето држави на Запад се силни држави иако не се големи сили.

Голема сила никогаш нема да станеме, но можеме како членка на НАТО и на ЕУ, да станеме силна држава. На таа цел ќе треба посветено да работиме во наредните 31 година. За да го постигнеме тоа треба да ги разбереме промените во меѓународната политика и согласно тие промени, а не емотивни изливи на патриотизам, да градиме сопствени позиции.

ДВ: Но кога ќе погледеме назад, прашувајќи се – што сме можеле, а не сме направиле како држава, списокот е долг и разочарувањето не е мало. Дали допрва ни почнуваат најтешките задачи?

-Прокламирањето на независноста на една држава не е крај на нејзините маки, туку само почеток. Погледот назад на изминативе 31 година тоа јасно ни го потврдува. Нашето застарено поимање на институтот „суверенитет“ визави неговиот променет карактер во модерниот свет, стана извор на нашите големи разочарувања. Суверенитетот од книгите означува врховен внатрешен авторитет на избраната власт и меѓународно признавање на тој авторитет. Значи, внатрешно, државата е суверена кога има врховна власт врз работите и луѓето на својата територија, а надворешно – кога се почитува и поддржува нејзиниот внатрешен суверенитет од другите држави. Со ова традиционално поимање на суверенитетот кај граѓаните и политичарите станавме независна држава. Не разбравме дека, во меѓувреме, самиот поим на суверенитет веќе доживеал значајани промени. Дека суверенитетот е доведен под сериозен знак прашање од силите на глобалниот пазар кои лесно ги минуваат националните граници и влијаат врз националните економии, од нужноста за заштита на природата, од глобалните комуникациски системи, од нуклеарното оружје, од тероризмот и трговијата со дрога. Со еден збор, од сили и активности кои лесно минуваат граници проблематизирајќи ги старите сфаќања за суверенитетот.

Denko Maleski
Денко Малески, првиот министер за надворешни работи во независна Македонија

ДВ: Според тоа, кои се новите предизвици за суверенитетот и како тие се одразуваат кај нас?

-Предизвиците на суверенитетот се поврзани како со нови форми на соработка меѓу развиените демократии на Западот, така и со нови форми на конфликт со слабите држави на Југот. Како држава на европскиот континент која сака да припаѓа на Западот, но и како слаба демократија од Југот, искусивме врз своја кожа и од двата процеси: доброволно и наметнато откажување од нашето суверено право да носиме некои значајни одлуки без влијанија од надвор. Создавањето на наднационалната организација наречена ЕУ е симбол на едно досега невидено пренесување на суверенитетот на поединечните држави врз Унијата, па остварувањето на стратешката цел за членство значеше откажување од некои наши суверени одлуки во полза на сојузот. На светски план, пак, дојде до подем на нормите за заштита на човековите права и на хуманитарното право кои го нарушија принципот на суверенитет, со правото на надворешна интеревенција во заштита на човековите права. Во 1992 година Бутрос Гали ќе изјави дека „времето за апсолутен и ексклузивен суверенитет … е изминато. Неговата теорија никогаш и не се поклопувала со реалноста“, ќе додаде. Под тој надворешен притисок, оттргани од работ на граѓанска војна, националната држава на Македонците стана мултинационална во 2001 година.

ДВ: Остварувањето на македонските надворешно-политички приоритети (НАТО и ЕУ) се одвива по цена на бројни компромиси. Колку тие може да ги еродираат темелите на македонската држава?

-Доста ни се мешаат во нашите внатрешни работи – беше борбениот восклик на заговорниците на традиционалниот  суверенитет во Македонија од првиот ден на нашата независност. Бидејќи реалноста не се поклопуваше со нашите сфаќања за тоа што всушност значи суверенитет во модерниве времиња, независноста ја доживуваме и како непрекината серија на национални понижувања: од тоа како треба да го уредиме општеството дома до како да ги уредиме односите со другите држави, пред сѐ со соседите. Така, всушност, серијата меѓународни успеси на македонската политика како што се мирното раздружување од југословенската федерација и приемот во ОН со референцата, Охридскиот договор,  Преспанскиот договор,  Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и почетокот на преговори за членство со ЕУ врз база на „францускиот предлог“, некои ги означуваат како серија национални понижувања. Но, наспроти се, исто онака како што војните во Југославија не ги срушија темелите на македонската држава поставени со АСНОМ, тука сме и денес, само посилни, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ.

ДВ: Ќе успееме ли да ги пребродиме актуелните кризи?

-Досега, во  моменти на криза,  секогаш сме успевале, макар и во последен момент, да се освестиме. Да се надеваме дека, соочени со  можноста од референдум  против  Договорот за пријателство со Бугарија,  тоа ќе ни појде од рака и овој пат. Особено кога ќе сфатиме дека договорот за пријателство може да го замени само непријателство. И уште еден еклатантен пример како незадржливите човечки потреби на модерното живеење меѓу народите на Европа лесно ги преминуваат границите на „суверените“ држави и им пркосат на национализмите: од Бугарија очекуваме да добиваме струја за полесно да ја пребродиме зимата.

Back to top button
Close