Во случајот „Мазут“ компанијата ОКТА никогаш не беше под истрага иако РКЕ го набавувала од неа
Доколку речиси целата количина мазут што била предмет на истрагата во случајот „Мазут“ потекнувала од ОКТА, тогаш логично се наметнува прашањето зошто компанијата никогаш не беше опфатена со истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција?

Предметот се однесуваше на набавката на мазут за ТЕЦ Неготино во текот на 2022 и 2023 година, период во кој државата се соочуваше со најголемата енергетска криза во поновата историја. Осомничените се товареа за перење пари, влијание во постапка за набавка и загадување на животната средина преку наводно неквалитетен мазут. Сепак, истрагата беше запрена поради недостаток на докази.
Според информациите во јавноста околу 99 проценти од мазутот кој бил предмет на истрагата компанијата РКЕ на Ратко Капушевски го набавила од ОКТА. Токму затоа до компанијата беа испратени прашања дали најголемиот дел од количините навистина потекнувале од нив, дали бил вршен квалитативен надзор на горивото и дали компанијата била контактирана од истражните органи во текот на постапката.
Во својот одговор, ОКТА не навлегува во конкретни деловни односи, но јасно посочува дека целосно соработувала со институциите и дека сите производи што ги пласира на пазарот се предмет на строги контроли на квалитетот.
„Како општ принцип, ОКТА не коментира јавно конкретни комерцијални аранжмани или поединечни деловни односи, особено за случаи кои биле предмет на постапување од страна на надлежните институции. Напоменуваме дека случајот на кој се повикувате е официјално завршен. ОКТА целосно ја почитува улогата на релевантните институции и соработуваше со нив во текот на целиот процес, а останува подготвена да соработува со надлежните органи и во иднина, доколку тоа биде потребно и во согласност со важечките законски прописи. ОКТА останува посветена на работење во целосна согласност со важечката законска и регулаторна рамка. Сите производи што ги пласираме на пазарот подлежат на строги процедури за контрола на квалитетот, кои се спроведуваат во нашата акредитирана лабораторија, во согласност со важечката регулатива и меѓународно признатите стандарди. Остануваме посветени на транспарентно и одговорно работење, притоа почитувајќи ги законските ограничувања што се однесуваат на доверливоста и постапките што се водат пред надлежните институции.“, стои во одговорот на компанијата.
Од ваквиот одговор произлегува дека мазутот бил предмет на редовни проверки во акредитирана лабораторија и дека компанијата не утврдила отстапувања од законските стандарди за квалитет.
Дополнително, контролата на квалитетот на мазутот не се сведува само на интерните проверки на компанијата. Според важечките прописи, трговијата со нафтени деривати е под постојан надзор на институциите. Регулаторната комисија за енергетика врши контрола врз носителите на лиценци, додека Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат имаат надлежности во делот на увозот и квалитетот на горивата.
Правилникот за квалитет на течните горива пропишува строги гранични вредности за мазутот, вклучително и за содржината на сулфур, вода, пепел, седименти, вискозитет, точка на палење и калориска вредност. Во текот на постапката не беше утврдено надминување на овие параметри.
Дополнително, ниту тврдењата за загадување на животната средина не добија потврда во официјалните извештаи. Податоците од ТЕЦ Неготино покажуваат дека во периодот опфатен со истрагата редовно се вршел мониторинг на квалитетот на воздухот, при што не биле евидентирани загадувања кои би можеле да се поврзат со користениот мазут.
Ниту економскиот аспект на случајот не резултираше со утврдена штета. АД ЕСМ не пријави финансиска штета во текот на постапката, а овој факт беше посочуван и од правни експерти како едно од клучните прашања во целиот предмет.
Во меѓувреме, ТЕЦ Неготино одигра значајна улога за време на енергетската криза. Анализите покажуваат дека доколку електраната не работела во критичниот период, државата ќе морала да обезбеди електрична енергија по значително повисоки цени на меѓународните пазари. Истовремено, официјалните податоци покажуваат дека ТЕЦ Неготино во 2022 и 2023 година остварила добивка од околу 30 милиони евра.
Токму затоа, по запирањето на истрагата поради недостаток на докази, останува отворено прашањето дали причината поради која ОКТА никогаш не беше опфатена со предметот лежи во фактот што ниту една од институционалните контроли не утврдила дека мазутот што бил испорачуван не ги исполнувал законските стандарди за квалитет.






